Вкупно 152.964 лица се вработиле во Македонија во периодот од 1-ви јануари до 31-ви октомври годинава, а од нив, 63.461 лица се вработиле на неопределено време додека 89.503 луѓе на определен време, покажуваат податоците на Агенцијата за вработување на Република Македонија.
Од податоците објавени на веб-страницата на Министерството за труд и социјална политика во неделата, произлегува дека од вкупниот број вработени претходно во евиденцијата на АВРМ биле 31.662 лица, а останатите воопшто не биле во евиденцијата на невработени лица.
Во оваа евиденција во моментов како невработени се водат 102.100 лица. Најголемиот дел од нив, односно 44.259 лица, се без образование или со основно, со непотполно средно се 14.359 лица, со завршено средно образование 29.007, со вишо 1.659, а со завршено високо 11.914 лица.
На списокот на невработени има и 868 лица со завршена магистратура, како и 34 невработени доктори на науки.