Мексиканската полиција уапсила маж осомничен дека го наредил убиството на новинариката Мирослава Брих во март годинава, потврди гувернерот на мексиканската сојузна држава Чивава, Хавиер Корал.
Педесет и четиригодишната новинарка Мирослава Брих, мајка на три деца, убиена е со осум куршуми додека со автомобилот превезувала едно од своите деца во училиште.
Уапсениот, 43-годишниот Хуан Карлос Морено Очоа, е осомничен дека под псевдонимот „Ел Лари“ предводел криминална група и го наредил убиството на новинарката.
Најмалку 16 новинари се убиени во Мексико во последните три години, а 43 од 1992 година, поради што оваа земја се смета за една од најопасните во светот.