Заемно прифатливото решение за името мора да го почитува нашиот национален идентитет. Не може да се лицитира со идентитетот на граѓаните и уставното име на државата, порача претседателот Иванов, говорејќи за прашањето околу разликата со нашиот јужен сосед.
Нагласи дека е неопходно стриктно придржување до рамката во која се водат разговорите – Повелбата на ОН, резолуциите на Советот за безбедност, Времената спогодба и пресудата од Меѓународниот суд на правдата.
„Надминувањето на ова прашање суштински ќе влијае на стабилноста и просперитетот на целиот регион. Но, истовремено повикувам на претпазливост. Поради моето осумгодишно искуство, јас не сум ниту оптимист, ниту песимист, туку реалист со искуство. Реалноста е дека решението за прашањето на името стана заложник на бирократијата на НАТО и ЕУ. Затоа, решение за разликата околу името со Грција може да се бара само во рамките на Обединетите нации, каде сме рамноправни“, рече македонскиот претседател, додавајќи дека е потребно да инсистираме на почитување на меѓународното право и меѓународно-преземените обврски.
Претседателот Иванов во својот говор ја поздрави и конструктивноста во мерките за градење доверба меѓу Република Македонија и Грција и повика на натамошно проширување со нови содржини.
„Не постои подобра мерка за градење на доверба во целиот регион од изградбата на Балканскиот канал Дунав-Морава-Вардар. Овој канал засекогаш ќе го промени нашиот регион и ќе го подобри животниот стандард на граѓаните. Јас стојам зад оваа идеја, и веќе имам разговарано со српскиот претседател и грчкиот премиер. Затоа, ја повикувам Владата најитно да формира експертски тим кој веднаш ќе започне да работи со српските и грчките власти за реализација на овој проект“, истакна Иванов во своето годишно обраќање пред пратениците во македонското собрание.