Врв на приоритетите на граѓаните е здравството и навистина вакви инсинуации би ги барекол глупости, рече премиерот Зоран Заев во вторникот при неговата посета на Прилеп, запрашан од новинарите да ги коментира изјавите на челникот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, за состојбите во македонското здравство и особено што овој ресор сега ќе пополнува СДСМ, како и оти зад тоа стојат наводно бизнис интереси.
Имено, претходно деновиве Зијадин Села го изрази својот сомнеж дека зад именувањето на нефохирургот Венко Филипче за министер за здравство, стои бизнис договор за скопскиот Клинички центар меѓу СДСМ и ДУИ, откако не беше постигнат договор со премиерот Зоран Заев здравството повторно да ѝ припадне на Алијанската за Албанците, откако досегашниот министер од нејзините редови Арбен Тараваеи стана градоначалник на Гостивар.
„Јас само ќе апелирам за трезвеност од страна на политичарите, коишто веројатно се наоѓаат во незгодна ситуација. Сакам да соработувам со сите политичари и политички партии. Д-р Филипче е навистина докажан неврохирург, еден од најдокажаните во Македонија и во неговата специјалност. Млад човек кој ги знае сите детали во нашето здравство и заедно со останатите институции, задено со мене како премиер и другите министри од економските ресори имаме сериозна агенда, којашто ќе значи унапредување на здравството во Македонија. Зголемување на платата на медицинскиот персонал и на специјалистите, но и обезбедување на инструменти и севкупни услови за работа. Знаете дека врв на приоритетите на граѓаните е здравството и навистина вакви инсинуации би ги барекол глупости. Верувам дека сите ќе бидеме со позитивна мисла, да донесеме еден нов квалитет кој на крајот ќе го почувствуваат граѓаните“, изјави Заев.
Во врска со вчерашнаа изјава на Села дека Алијансата ќе излезе од Владата кога ќе биде донесен законот за јазиците и дека не се работи само за пополнување на испразнето место во Владата, Заев потенцираше дека Министерството за здравство по дефолт не следува ниту на една политичка партија, не следува ниту на СДСМ.
„Едноставно се пополнуваат испразнети места. Тогашниот министер Арбен Таравари, сегашен градоначалник на Гостивар, ниту извести за намерата, ниту извести за тоа, едноставно објави дека одлучил да се кандидира за градоначалник на Гостивар. Слободата на избор е право на секој граѓани, но таа слобода на избор без да разговараме доведе до тоа што го имаме денес. Министерството за здравство по дефолт не следува ниту на една политичка партија, не следува ниту на СДСМ, а не пак на некоја помала партија. Знаете дека секогаш императив при составување Влада е квалитетот на кадрите, што се нудат. Секогаш постои отворена дебата и од квалитетниот секогаш постои поквалитетен, но секогаш треба да се водиме од она што значи одговорност пред граѓаните. Се работи за сериозни институции. Министерството за здравство е едно од најважните во државата, затоа што допира до буквално сите семејства во Македонија. И од тука многу е логично недавањето поддршка на Алијансата на доктор Филипче. Тие со тоа најавија дека заминуваат од Владата. Останувам со намерата дека ќе можеме да продолжиме да соработуваме и она што значи реформи, Законот за јазици, ратификацијата на Договорот со Бугарија, двотретинските закони што доаѓаат во Македонија, одговорноста за унапредување на севкупниот квалитет на животот во Македонија е на сите. Како ќе се однесуваме одговорно, така и граѓаните ќе нè вреднуваат на следните избори“, додаде Заев