
Бранко Азески претседател на Стопанската комора во годишното интервју ги оцени како одлични мерките од Планот за економски раст на Владата.
Азески оценува дека барањата на бизнис заеднцата се вклопени во владиниот План за економски раст, кој е подготвен од стручен тим предводен од претставникот на бизнис заедницата во владата, вицепремиерот Кочо Анѓушев.
– Планот за економски раст преточен во неколку мерки, кој го промовира заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, генерално ги содржи насоките и барањата на деловната заедница за коишто Стопанската комора на Македонија континуирано имаше свои предлози и укажувања до креаторите на економската политика. Мерките во Планот за економски раст се креирани и координирани од докажани и потврдени бизнисмени во реалниот сектор, кои истовремено се и носители на највисоките политички функции во Владата – вели Азески.
Исто така, Азески ги потенцира трите столба врз кои треба да се гради економскиот раст, како клучни.
– Клучната поента е дека Планот за економски раст дефиниран преку три столба, има за цел остварување на поголем економски раст преку поддршка на компании кои се во добра кондиција и истовремено може да испорачаат уште поголеми позитивни резултати – нови вработувања, нови инвестиции, зголемување на извозот, основни претпоставки за поголем економски раст – вели Азески.
Тој оценува дека Владата со досега донесените или предложените развојни документи е на добар пат да создаде одржлив економски развој.