Се подготвува ли теренот за промена на името без референдум? Лидерот на ДУИ и претседателот на Собрението се јасни, нема потреба од референдум, кога тоа прашање може да се реши во законодавниот дом, објави ТВ Алфа.
Не се потребни бескрајни дебати во Собранието и референдуми, туку политички и национален консензус за што поскоро решение на проблемот со името, изјави лидерот на ДУИ, Али Ахмети во партиското седиште во Тетово.
И собранискиот спикер Талат Џафери неодамна изјави дека постои можност името да биде сменето без референдум, односно дека Собранието има целосен легитимитет во име на граѓаните да донесе одлука за решение на спорот со името.
Тој мисли дека поради континуираната висока поддршка на граѓаните за евроинтегративните процеси, граѓаните му дале целосен легитимитет на Сорбанието, да во нивно име одлучи по однос на прашањето за промена на името.
За разлика од Џафери и Ахмети, шефот на македонската дипломатија Никола Димитров, смета дека решението за името мора да помине на референдум. Тој вели дека решавањето на проблемот со Грција бара широк консензус и предлогот мора да помине на референдум, но не отиривакое би било компромисното решение кое би било прифатливо за Македонија.
И најголемата опозициска партија, ВМРО- ДПМНЕ се противи на тоа да проблемот со името да биде поминат без референдум.
Останува отворено прашањето дали граѓаните на Р.Македонија во 2018 година ќе го искажат својот став преку референдум, или пак народните избраници тоа ќе го сторат во Собранието.