Заев на неформална вечера со Бутарис во Солун

 Македонскиот премиер Зоран Заев синоќа со автомобил, преку граничниот премин Богородица, пристигна во Солун. Во рамките на неговата приватна посета, по покана на градоначалникот на Солун, Заев и Јанис Бутарис, како што јавува дописникот на МИА,  имаат заедничка вечера во познат солунски ресторан.

Солун прекрасен како и секогаш, пријателски град од соседна Грција. На заедничка вечера со градоначалникот Бутарис разговараме за нештата кои нé поврзуваат, во позитивна атмосфера. Му се заблагодарив на гостопримството и ги споделивме очекувањата за успешна 2018 година, напиша македонскиот премиер на неговиот твитер профил, објавувајќи фотографија од вечерата со Бутарис.

Приватната посета на Солун на македонскиот премиер предизвика голем интерес кај грчките медиуми. Новинари од различни телевизии и информативни портали, го чекаа македонскиот премиер пред солунскиот ресторан.

Ова е приватна посета. Среќна Нова година, им изјави Заев на грчките новинари, пренесува МИА.

Јанис Бутарис пак, потенцирал дека посетата е приватна и нема да стане збор за политички прашања, ниту, пак, за спорот со името.

Според информациите во солунските медиуми, на вечерата присуствуваат 12 лица.

На вечерата во познатиот ресторан присуствуваат сопругата на премиерот, неговите советници, претседателката на општинскиот совет на Солун, Калипсо Гула и заменик- градоначалникот за туризам Спирос Пегас, пишува солунскиот информативен портал Вориа, пренесува МИА.

Грчката телевизија Алфа во централното издание на вестите, со директно вклучување од Солун извести за приватната посета на Заев. Новинарката во нејзиното јавување во живо потсети дека станува збор за приватна посета по упатената покана од Бутарис по средбата во ноември во Скопје.

Но Бутарис во петокот за грчките медиуми негираше дека го поканил македонскиот премиер новогодишните празници да ги минат заедно во Солун, туку дека на желбата на Заев се понудил да помогне во организирањето на неговиот престој.

Според солунските медиуми, македонскиот премиер го следи силно обезбедување од полицајци во цивил.

Солунскиот портал Thesstival објави видео од пристигнувањето на македонскиот премиер и пречекот од градоначалникот на Солун.