Чудо го спаси Сити од пораз

Фудбалерите на лидерот во англиската Премиер Лига, Манчестер Сити одиграа во 21-то коло само 0:0 на гости кај Кристал Палас, а домашните можеа да им го нанесат првиот пораз сезонава на „граѓаните“, но не реализираа пенал во судиското продолжение.

Српскиот фудбалер Лука Миливојевиќ многу лошо го изведе пеналот во 92 минута, шутираше по средината на голот а голманот Едерсон ударот го одбрани со нозете. Кристал Палас, по Евертон е втората екипа којашто остана непоразена против Сити во англиското првенство, но ја прекина неговата низа од 18 последователни победи во Премиер лигата.

И покрај тоа што неговиот тим среќно остана непоразен, менаџерот на Сити, Пеп Гвардиола сепак е незадоволен бидејќи на овој натпревар се повредија Габриел Хезус и Кевин де Брујне.

Сити и натаму е прв на табелата со 59 бодови, 14 повеќе од второпласираниот Челзи кој го мина на табелата Манчестер Јунајтед во саботата. Кристал Палас е на 17-то место со 19 бодови. Манчестер Сити на 2-ри јануари го пречекува Вотфорд.