Малолетници на Токсикологија, 65 лица на Хирургија, 4 од нив на итна операција

На Клиниката за токсикологија при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во текот на новогодишната ноќ примени се 27 пациенти од кои најмладиот има 16 години, а најстариот 48 години.

Релативно мирна новогодишна ноќ имале дежурните екипи во болниците во Скопје. Најмладиот којшто побарал помош на Клиниката за токсикологија има 16 години, а за разлика од изминатите години немало пациенти предозирани со психотропни супстанци.

На Клиниката за токсикологија при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во текот на новогодишната ноќ примени се 27 пациенти од кои најмладиот има 16 години, а најстариот 48 години.

„Главно се работеше за група на пациенти меѓу 20 и 25 години и посебно сме задоволни и среќни што после многу години немавме предозирани со психоактивни супстанци“, изјави утринава директорот на Клиниката за токсикологија Нико Беќаровски.

Според првичните резултати од новата токсиколошка лабораторија на Клиниката, пациентите немале над два промили алкохол во крвта.

Во Универзитетската клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во текот на изминатите 24 часа лекарска помош побарале 65 пациенти од кои петмина се хоспитализирани, а четири се оперирани.

„Ниеден од лицата кои се хоспитализирани и оперирани не е примен и лекуван како последица од повреди поврзани со пречекот на Новата Година. Амбулантски се примени четири пациенти со помали повреди од пиротехнички средства и пуштени се на домашно лекување. Во текот на ноќта примени се и двајца пациенти со огнострелни повреди но, за среќа се работи за лесни површни повреди во пределот на вратот од залутани куршуми. Тие се амбулантски згрижени и немало потреба да се хоспитализираат“, изјави директорот на Клиниката Иван Спировски.

Во Градската општа болница „8-ми Септември“ прегледани се 96 пациенти што, според доктор Јасмин Циривири, е вообичаен број за овој период од годината.

„Четворица се пациенти со поблага форма на алкохолна интоксикација и неколку пациенти се повредени во меѓусебни тепачки. Пациенти со повреди од експлозивни направи и петарди немаше“, информира доктор Циривири.