Иванов: Ако сме единствени и сплотени, ако ја имаме поддршката се’ што е наше ќе си дојде

Доколку сме единствени, сплотени, ако ја имаме вашата поддршка, се’ што е наше ќе си дојде, порача актуелниот и кандидат за уште еден претседателски мандат, Ѓорге Иванов на митингот во Кавадарци.

„Вечерва сум тука да им дадеме поддршка на овие луѓе. Луѓе со чист образ. Да покажеме дека сме тим. Дека знаеме тимски да работиме. Затоа што како што кажа и премиерот Груевски, политиката се менува во Македонија. Во политиката влегуваат луѓе, кои знаат што сакаат. Тоа го ставаат во програма, и даваат отчет. После отчетот следи нова програма и нова доверба. Така се работи во Македонија.Нема празни ветувања,  нема лажни ветувања. Нема празни зборови“, рече Иванов.

Имав извонредна соработка со вашиот градоначалник, појасни тој, ве посетував кога се почитуваше традицијата на „Св.Трифун“ да ги кроиме лозјата, но доаѓавме и заедно со младите од повеќе места од Македонија за да го споделат искуството на соживот.

„Да научат како да го чуваат и негуваат  сето она што ни го оставиле нашите предци. Бидејќи Македонија е земја во која се почитува традицијата на взаемен соживот. Земја на почит кон другиот, на другата религија, на другата етничка заедница. Тоа ја прави Македонија различна од другите, затоа што сите сме Македонија. И сите ја сакаме и ја почитуваме својата држава. Покажавме дека во државата може да се работи и тимски и сите институции да соработуваат. Знаеме како беше во минатото, кога едно збореше претседателот на државата, а друго премиерот. Овие години покажавме дека надвор имаме еден глас. Тоа што ќе го договори државниот врв,  тоа што институциите во државата ќе го усогласат, тоа е ставот на државата. И затоа не почитуваат, и затоа се повеќе пријатели имаме и поддржувачи да истраеме на она што е наше. Имаме изграден став.  Знаеме што сакаме. И го бараме и тоа што им припаѓа на сите други во овој свет. Ништо повеќе – ништо помалку“, додаде Иванов.

 

Но, а. Така не учеле нашите предци.

Сите институции покажаа како може да се работи во интерес на државата, во интерес на граѓаните. И граѓаните можат тоа да го почувствуваат во својот секојдневен живот. Тоа го почувствуваа и земјоделците и пензионерите, и учениците и студентите. Секој почувствува дека нешто се менува во државата.

Ни претстои уште многу работа. Но, кога сме единствени, кога сме сложни, со заедничка цел, да успее Македонија, тогаш резултатите се видливи.

И во следните пет години продолжуваме со ист интензитет. Продолжуваме тимски да работиме. Да работиме за граѓаните на Република Македонија. Затоа што ги знаеме вашите потреби. Знаеме што сакаат граѓаните во Македонија. Сакаат среќен, спокоен, мирен и богат живот. Треба да дозволиме секој да успева во животот. Секој да може да создава семејство и да одгледува потомство. Секој да ги негува традициите, секој да си ја сака својата држава, да ја сака Македонија.

Затоа не нарекуваа патриоти. Бидејќи си ја сакаме државата. Но државата се сака со дела, се сака со конкретни проекти, се сака со посветеност. Тоа  го покажавме и затоа граѓаните ни веруваат. Затоа ми е мило кога гледам како расте довербата во институцијата Претседател. Најмногу граѓаните ги почитуваат политичарите кога се  чесни. Ние покажавме дека сме чесни. Покажавме дека имаме чист образ, да дојдеме и повторно да ја бараме од вас довербата. Сплотени и единствени, со една цел: „Успешна и просперитетна Македонија“.