
Полициски службеници на СВР Скопје во координација со Одделот за криминалистичка полиција при МВР, при претрес на два објекта во скопско Арачиново, а врз основа на претходно издадена судска наредба, вчера откриле и заплениле околу 120 килограми опојна дрога марихуана, 100 грама хероин, како и 100 грама кокаин. Во полициксата акција биле приведени две лица.
По добиени оперативни сознанија за извршено кривично „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“ беше издадена судска наредба за претрес во дом и други простории на 32-годишниот Р.Б. и 56-годишниот Е.Б. од Арачиново.
Притоа, покрај посочените количини на дроги – марихуана, хероин и кокаин, спакувани во јутани вреќи, најлонски кеси како и во поголем број помали политеиленски паковки, беа откриени и дигитални ваги, ролни прозирна леплива фолија и други предмети поврзани со кривичното дело.
Како што претходно информираа од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, претресот е извршен по претходно добиени оперативни сознанија и врз основа на издадена наредба за претрес. Спроведен е во координација на ОЈО Скопје со Единицата за недозволена трговија и Секторот за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи при СВР Скопје поради сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“.
По наредба на надлежен јавен обвинител, пронајдените материи се предадени на вештачење на Одделот за криминалистичко технички испитувања и вештачења при МВР.