Албанчиња пееја „Билјана платно белеше“ за своите другари-Македонци

Децата уште еднаш покажаа дека тие на најубав начин ги премостуваат разликите, подаваат рака и се зближуваат. Минатата сабота, на 18-от роденден на општината Новаци, учениците Албанци на своите соученици Македонци им ја пееја песната „Билјана платно белеше“, пишува Нова Македонија.

Општината Новаци со својот 18-ти роденден, официјално влезе во своето полнолетство. Дојдоа многу гости од разни места, од соседните села, од општината Могила, Битола, а не изостанаа ни честитките од пријателски градови од Бугарија, Грција, Албанија, Хрватска, Унгарија, Словенија, со кои Новаци има воспоставено исклучително добра соработка.

Но најубавата честитка, која ги разгали срцата на сите присутни, стигна од учениците, главно Албанчиња, од ОУ „Симче Настевски“ од селото Вратница, општина Јегуновце. Тие празникот на општината Новаци, кое месното основно училиште „Славко Лумбарковски“ го слави како свој патронат, им го честитаа на своите врсници со изведба на познатата македонска народна песна „Билјана платно белеше“.

2

Ова е исклучително добар проект, кој го поддржува и Министерството за образование, бидејќи преку ваквите дружења учениците не само што меѓусебно се запознаваат туку нивните средби продолжуваат и по завршувањето на проектот, вели директорката на ОУ „Славко Лумбарковски“, Ана Костовска Велјановска.

Овој гест на добра волја го воодушеви и градоначалникот на Новаци, Лазар Котевски, кој присуствуваше на приредбата.

– Ваква импресивна и многу емотивна глетка би сакале почесто да гледаме не само во училиштата туку и на други места во земјава – рече градоначалникот Котевски.

Заедничка прошетка на Широк сокак 

Истиот ден, околу 10 часот претпладне, 26 ученици, главно од албанска етничка припадност, и седум наставници од Вратница првпат го посетија ОУ „Славко Лумбарковски“ во Новаци, со кое тие во наредниот период заеднички ќе реализираат проект за меѓуетничка интеграција и подобро запознавање.

Учениците од Вратница по меѓусебното запознавање и завршувањето на спортските натпревари, покрај тоа што се дружеа со своите врсници од „Славко Лумбарковски“, не ја пропуштија можноста да ја посетат и популарната улица на Широк сокак во Битола, а беа и во посета на Музејот на албанската азбука во Битола.

Дружењето заврши со разгледување на изложбата на ликовните творби на учениците Кристијан Ристевски и Изабела Угревска, кои твореа на тема за меѓуетничкиот соживот. Го посетија и манастирот „Св. Богородица Пречиста“ во Новаци, кој е единствен во Македонија што е изграден на рамница.

– Ова е прва фаза од проектот за меѓуетничка соработка. Наш партнер е ОУ „Симче Настовски“ од Вратница, општина Јегуновце, со кое неодамна потпишавме договор за заедничка соработка. Се работи за исклучително добар проект, кој го поддржува и Министерството за образование, бидејќи преку ваквите дружења учениците не само што меѓусебно се запознаваат туку нивните средби продолжуваат и по завршувањето на проектот – вели директорката на ОУ „Славко Лумбарковски“, Ана Костовска Велјановска.

Спортски натпревари во мал фудбал и во ракомет 

3

На првата средба што се одржа во Новаци учениците од двете училишта одржаа неколку спортски натпревари, во мал фудбал за машките и во ракомет за девојчињата.

Резултатот не беше во преден план, а екипите настапија во мешан состав. Така, во тимот на „Славко Лумбарковски“ настапуваа ученици од ОУ „Симче Настовски“ и обратно.

– Навистина беше импресивно да се види како наеднаш учениците од двете училишта се вклопија во екипите и против своите соученици играа со толку многу мотив како да се работи за клучни натпревари за бодови – ни рече наставникот по физичко воспитување Васко Ристевски.

Договор за следни активности

На првата средба од овој проект во Новаци учениците и нивните наставници ги договорија следните активности што ќе се реализираат во неколку фази. Покрај тоа што учениците ќе се обидат пред своите другарчиња да се презентираат со своите знаења и постигнувања во наставниот и воннаставниот процес, тие се договорија тоа да ги искористат за меѓусебно дополнително запознавање за природните убавини и на историјата на нивните општини, но и со нови сознанија за културно-историските споменици што се дел од историското наследство на Новаци и на Вратница. Падна договор кога учениците од Новаци ќе им одат на гости, заеднички да ги посетат Шарената џамија и Белошкиот манастир.

ОУ „Славко Лумбарковски“ е основно училиште во Новаци, кое има 230 ученици, а во него настава посетуваат и четири деца од албанска етничка припадност, кои одлично се прифатени од своите соученици. Во составот на ова училиште има осум подрачни училишта.

Благодарение на извонредната соработка со општината и со Министерството за образование, во рамките на ова училиште од неодамна се гради спортска сала, а деновиве беше завршена изградбата на комбинираното спортско игралиште.

За да се задржат децата во селата во Новаци, неодамна во селата Рапеш и Далбеговци беа изградени две училишта, а со средства на општината се реновираат училиштата во Агларци, Гермијан, Добромири и Живојно.
ОУ „Симче Настовски“ од Вратница, Јегуновце, има 270 ученици и во неговиот состав влегуваат шест подрачни училишта.

 Извор: Нова Македонија