По единаесетте последователни порази во регионалната лига, кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром во неделата во рамките на 16-то коло од АБА лигата забележаа победата на гостувањето во Загреб кај Цибона со 92:77 (15:19, 26:19, 30:18, 21:21), со што ги вратија надежите дека може да изборат опстанок.
Цибона беше подобра само во првата четвртина којашто ја доби со 19:15, иако МЗТ подобро ја отвори, но следните две делници скопските кошаркари ги добија со 19 разлика (56:37), правејќи целосен резултатски пресврт. Особено МЗТ беше супериорен во третата четвртина којашто ја доби со 30:18, а во последниот дел му преостана само рутински да го приведе натпреварот кон крајот, остварувајќи ја само третата победа оваа сезона.
Кај МЗТ предводник беше Доминк Мавра со 18 кошови, 10 асистенции и 6 скокови, а го следеа Дамјан Стојановски, исто така, со 18 погодоци, и Марко Симоновски со 16 кошови. Кај Цибона најефикасни беа Лука Жориќ со 20 кошови и 6 скокови, ветеранот Марко Томас кој влезе од клупата со 15 поени и Марин Розиќ со 14 поени.
МЗТ и натаму е последен со 19, бодови, односно сооднос од 3 победи и 13 порази, две победи помалку од Мега Бемакс и Петрол Олимпија.