Нападот врз луксузниот хотел во авганистанската престолнина Кабул е завршен во неделата утрото по 12 часа отпор на вооружената група која упадна во хотелот во саботата вечерта пукајќи врз гостите и персоналот.
Во нападот, за кој сѐ уште никоја група не ја презема одговорноста, според првичните сознанија загинале шест лица, пет Авганистанци и е една жена од странска држава, чиешто државјанство уште не е наведено.
„Нападот е завршен, сите напаѓачи се убиени, 126 лица се спасени од кои 41 странец“, изјави портпаролот на авганистанското министерство за внатрешни работи Наџиб Даниш, кој го потврди присуството на четири напаѓачи чиишто тела се пронајдени, а не на тројца како што претходно беше објавено.
Дабиш додаде дека операцијата на чистење сѐ уште е во тек на шестиот кат од хотелот „Intercontinental Hotel“ во Кабул, за да се уништи преостаната муниција.
Според безбедносни извори, преостанатиот припадник на групата се сокрил „во голема соба со заложници, авганистански и странски“, на коишто им се заканувал со смрт пред да биде убиен.
Додека црн чад излегуваше од шестиот последен кат од хотелот во неделата, мажи се обидуваа да побегнат преку балоните со помош на поврзани чаршафи, при што еден падна додека телевизиските камери директно пренесуваа.
Групата влегла во хотелот во 21 часот по локално време во саботата со експлозија, а потоа отворила неселективен оган. Струјата беше исклучена во квартот на ридот во западниот дел на Кабул во кој се наоѓа хотелот.
Во текот на ноќта специјалните авганистански сили со помош на НАТО постепено ја преземаа контролата над катовите. Точниот број на лицата во хотелот во моментот на нападот уште не е познат, како и националноста на странските гости.
Хотелот „Intercontinental“ е еден од двата хотела во Кабул со пет ѕвездички и во него често се приредуваат венчавки, конференции и политички собири. Објектот е отворен во 1969 година, а еднаш беше цел на напад на талибаните во 2011 година кога загинаа 21 човек.