Османи: Време е за помирување на балканските народи

Вицепремиерот во македонската влада задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во рамки на посетата на Република Србија, се сретна во средата со српската министерка за европски интеграции, Јадранка Јоксимовиќ.

Од Кабинетот на Османи соопштија дека на средбата бил дискутиран напредокот на односите меѓу двете земји, како и предизвиците со кои двете земји се соочуваат при приближувањето кон Европската унија.

„Ни претстои исклучително важен, може да се рече историски период од аспект на европските интеграции на двете земји. За безмалку две недели во Брисел ќе излезе Стратегијата за проширување на Европската комисија, каде се надеваме на првите сигнали во насока на европскиот оптимизам од страна на Брисел за процесот на проширување. Во наредните месеци ги очекуваме и Извештаите за напредокот на земјите од страна на Европската комисија, по што, во мај следува самитот за проширување на Европската унија во Софија“, истакнал Османи.

На средбата бил потенциран новиот моментум во кој се наоѓаат земјите од Западен Балкан, кој бил оценет како историска шанса за помирување на народите на Балканот и затворање на сите отворени прашањата, а во интерес на севкупната интеграција на Балканот во современите цивилизациските текови на Европа.

„Како претставници избрани од граѓаните да го предводиме овој процес, имаме обврска да не ја пропуштиме оваа можност, напротив, на секој можен начин да ја искористиме оваа шанса, и да покажеме дека и земјите од Западниот Балкан се европски земји; дека и земјите од западниот Балкан можат да бидат дел од решението, а не дел од проблемот; и дека оваа наша определба не е само декларативна туку и суштинска“, посочил Османи на средбата.

Покрај средбата со министерката Јоксимовиќ, во рамките на посетата на Белград, вицепремиерот Османи се сретнал и со претседателот на Одборот за европски прашања во Парламентот, Ненад Чанак, како и со координаторот на Националниот конвент за ЕУ на Република Србија, Наташа Драгојловиќ.

Посетата на Белград е дел од мини балканската турнеја која вицепремиерот Османи ја почна на почетокот на месецов со посетите на Атина и Тирана, а по посетата на Белград, ќе замине за Софија.