
Северна Кореја во четвртокот издаде ретка објава наменета „за сите Корејци во државата и во странство“, истакнувајќи во неа дека треба да постигнат „напредок“ кон обединувањето без помош на другите земји, објави севернокорејската службена новинска агенција KCNA.
Обединувањето на корејската нација во прогласот се опишува како „најважната задача“ и се забележува дека Северна и Јужна Кореја мора „самостојно да го одредат повторното обединување“, а оти мешањето на трети страни во ова прашање „е неприфатливо“.
Во објавата се истакнува дека сите Корејци треба да ги „промовираат контактите, патувањата, соработката меѓу Северна и Јужна Кореја“, додавајќи дека Пјонгјанг ќе ги „уништи“ сите предизвици коишто стојат пред обединувањето на Корејскиот полуостров.
Во прогласот се додава дека Корејците треба енергично да се борат за намалување на воените тензии и да создадат мирољубива атмосфера на полуостровот. Притоа Пјонгјанг предлага да се намалат критиките за ракетната и нуклеарната програма на Северна Кореја, и тие да не се мешаат и условуваат со подобрувањето на односите меѓу Северот и Југот.
Воените тензии се „основната пречка“ за напредокот на меѓукорејските односи и обединувањето се наведува во соопштението и се додава дека воените вежби со „странски сили“ не се покажаа од помош за развојот на подобрувањето на односите меѓу двете Кореи. Со тоа се алудира на неколкуте редовни годишни воени вежби на јужнокоејската војска и американските сили кои на Корејскиот полуостров имаат стационирано околу 52.000 војници и големо количество современо оружје.
Северна Кореја, исто така, ја повикува целата корејска нација да се спротистави на САД, коишто „провоцираат нуклеарна војна“.
Се предлага и интензивирање на хуманитарните и политичките контакти меѓу Северот и Југот. Особено во прогласот се истакнува неопходноста од зацврстување на врските меѓу партиите.
Генерално, севернокорејските власти изразуваат надеж дека 2018 година ќе стане „година на остриот пресврт“ во прашањето за приближување на позициите на двете страни.
Севернокорејскиот лидер Кин Џонг-ун во своето новогодишно обраќање повика на обединување на двете држави, тврдејќи дека оваа година е значајна и за Северот кој одбележува 70 години од основањето, и за Југот кој во февруари е домаќин на Зимските олимписки игри.
На почетокот од годинава се одржаа првите по 2015 година преговори меѓу високорангирани функционери на Пјонгјанг и на Сеул. Средбата се одржа во контекстот на ескалацијата на ситуацијата на Корејскиот полуостров во текот на 2017 година, поради серијата нуклеарни и ракетни тестирања од страна на Северна Кореја којашто тврди дека работи на создавње оружје за одвраќање на напад од САД.
Двете страни се договорија да го обвноват целосниот дијалог во низа области, а исто така се согласија за присуство на олимписки тим и делегација на Северот на зимската олимпијада во Пјеонџанџ.