
Aмандмани поднесени на законот за двојазичност беа расфрлани околу Собранието. Тоа е факт кој го виде целокупната јавност. Ниту СДСМ ниту владејачкото мнозинство може да избегаат од тој факт со какви било манипулации. Тие се должни да одговорат кому му сметаат и кој ги фрли амандманите на ВМРО-ДПМНЕ, поднесени во врска со неуставниот закон за двојазичност, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Владејачкото мнозинство треба да и одговори на македонската јавност кој издал наредба и кои се лица учествувале во овој срамен и недемократски чин. Дали ова значи дека залудни се обидите за аргументирана дискусија и правно побивање на неуставните закони во Собранието и дека со доаѓањето на СДСМ и Зоран Заев на власт демократијата во земјава заврши во контејнер?, прашуваат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека демократијата во Република Македонија не смее да биде погазена и понижувана на овој начин.
„Уште еднаш го повикуваме Собранието на Република Македонија што побрзо да спроведе истрага, да ги открие и санкционира сторителите на овој срамен и недемократски чин. Највисокиот законодавен дом во земјава не смее да си дозволи вакви недемократски постапки да останат нерешени и неказнети“, се вели во реакцијата.
Ваквите постапки, додаваат, нема да го спречат ВМРО-ДПМНЕ и понатаму да ги заштитува законите и Уставот. ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да се бори за еднакви можности на сите граѓани на Република Македонија.