
Рекордно ниво на ПМ10 честички од 533 mg/m3 се измерени во неделата на локацијата кај Ректорат, а сите мерни станици за квалитетот на воздухот вечерва повторно алармираат за енормна загаденост на воздухот.
Концентрацијата на ПМ 10 честички во моментов е 534 микрограми, а максимални дозволената 50 мг/м3, тоа е еднакво на вистинска еколошка катастрофа што се случува вечерва во Скопје. Покрај главниот град, вечерва и Битола се соочува со енормно загадување.
Во Скопје загаденоста повторно урива рекорди. Мерната станица кај Ректорат спроти Мавровка измери присуство на ПМ10 честички од 533 mg/m3, што е десет пати над дозволеното, во Лисиче нивото на ПМ10 е 458 mg/m3 , додека во Гази Баба измерени е присуство на ПМ10 честички од 287 mg/m3 .
Скопје оваа зима урива рекорди, градот се наоѓаше на светските мерни страници на загаденоста на воздухот. Македонската престолнина неколкупати беше најзагаден град во светот, пред најзагадените градови како Калкута, Шангај, Бомбај, Њу Делхи, Лахоре и Дака. Скопје е единствениот град меѓу овие градови кој е под милион жители, сите други во коишто се мери високо ниво на загаденост се неколку милионски градови, најчесто над 10 милиони.
Од новите градски власти изостанува соодветна и ефикасна реакција, нема предлози и решенија за подобрување на квалитетот на воздухот.