Ракометарите на Шпанија ја освоија европската титула откако во неделата во финалниот дуел во Загреб ја совладаа Шведска со 29:23 (12:14), па така по четирите порази во финалните мечеви на континенталните првенства конечно го освоија златниот медал.
Шведска мораше да се задоволи со сребрениот медал, но и натаму останува најуспешната селекција во историјата на европските првенства со четири златни медали, но последната титула ја освоија пред 16 години.
До деветтата минута беше израмнета, но тогаш за две и пол минути Швеѓаните се одлепија на три разлика (7:4). Во тој период од мечот на шведскиот гол доминираше одличниот голман Микаел Апелгрен кој за 12 минути оствари 6 одбрани. Сепак, Шпанците брзо се вратија во игра и намалија на еден гол заостанување (6:7), но до крајот на полувремето постојано беа во негатива и на крајот од периодот на одмор се замина со два гола предност со Шведска (12:14). За водството на Шведска во првите 30 минути најзаслужен беше голманот Апелгрен со 11 одбрани.
Во второто полувреме Шпанија ја стегна својата одбрана, а се разбрани и „вардаровиот“ голман Арпад Штербик кој оствари осум одбрани. Шпанија во првите пет и пол минути од второто полувреме постигна четири голови во низа и од минус отиде на два гола плус. (16:14). До 41 минута Шпанците направија серија од 7:1, па стасаа до водство од 19:15, а предноста постојано се зголемуваше и на десет минути пред крајот изнесуваше седум голови (24:17). До крајот на финалето „црвената фурија“ рутински го чуваше водството и конечно Шпанците успеаја да станат европски шампиони.
Кај Шпанија најефикасни беа Феран Соле и Давид Балагуер со по пет голови, додека Швеѓаните ги предводеше Јаспер Нилсен, исто така, со пет голови, додека Никлас Екберг впиша четири погодоци.
Претходно Франција ја освои бронзата откако во дуелот за третото место славеше против Данска со 32:29 (17:24). За „триколорите“ ова е втора европска бронза, а има уште и три злата. Данците останаа на две злата, едно сребро и три бронзи.
Кај Франција Никола Карабатиќ мечот го заврши со девет голови, а Седрик Соренди, Кентен Мае и Лук Абало постигнаа по пет погодоци, додека кај Данска брилјантен беше Ханс Линдберг со 12 голови.
Селекцијата на Македонија турнирот го заврши на 11-то место од 16 репрезентации, и покрај одличната прва фаза кога го освои првото место во групата Д во конкуренција со досегашниот првак Германија, фаворизираната Словенија и Црна Гора.