
Парлментот треба денеска во 11 часот треба да ја почне 32-та седница на која на дневен ред ќе се најде Законот за употреба на јазиците во трето читање, со кој се унапредува употребата на албанскиот јазик а кој беше вратен од страна на претседателот на државата Ѓорге Иванов без потпишан указ и со бројни укажувања.
Седницата за овој закон претседателот на Собранието, Талат Џафери, ја закажа во предидениот рок и го стави на повторно гласање, а за законот се поднесени и рекордни над 32.000 амандмани од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Толкав број амандмани досега не се поднесени за ниту еден закон во Собранието.
Овој закон се враќа пред пратениците откако на 17-ти јануари шефот на државата Ѓорге Иванов одби да го потпише указот, за законот кој пратениците без учество на опозицијата го изгласаа едногласно на 11-ти декември. Ако повторно биде едногласно изгласан, Иванов потоа ќе мора да се потпише на указот.
Иванов до македонското Собрание достави писмо со укажувања во кое јасно се наведени кои делови, членови и ставови од Законот за употреба на јазиците се спротивни и го кршат Уставот на Република Македонија. Забелешките на кои укажува Иванов се нотирани на 14 страници во 21 точка, а се однесуваат на суштински забелешки во кои се појаснува апсурдноста и противуставноста на изгласаниот Закон за употреба на јазиците, вклучително и самиот назив на Законот.
Иванов во неговото обраќање до македонската јавност оцени дека Законот е репресивен и дека со него се фаворизира само албанскиот јазик.
„Уште пред да биде изгласан, во повеќе наврати укажав дека не е добро кога прашања кои се веќе апсолвирани повторно да се отвараат заради добивање на краткорочни политички поени, а на штета на трајните интереси на Република Македонија и македонскиот народ“, истакна Иванов.
Рече дека со овој закон се воведува многу скап паралелизам во сите органи на државната власт што води кон нивна целосна блокада и нефункционалност.
„Во услови на блокада постои опасност да се отвори прашањето за уставното редефинирање и загрозување на унитарноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија“, предупреди македонскиот претседател.
Шефот на државата уште еднаш потенцираше дека Законот е донесен со европско знаменце, иако не постои европска директива за тоа. „Со овој закон Република Македонија ќе стане можеби единствената европска држава која сама си поставува услови за членство во Унијата кои никој не ги бара. За апсурдот да биде поголем, дури и укажувањата на претставниците од Европската унија не беа испочитувани и беа игнорирани.Европското знаменце е злоупотребено за со просто мнозинство да се донесе закон со кој се менуваат системски закони, коишто пак, се носат со двотретинско мнозинство“, укажа Иванов.
Владата, пак, смета дека Законот за употреба на јазиците е согласно Уставот на Република Македонија и нема намера да го повлече законот за јазици.
„Имајќи предвид дека претседателот Иванов не го потпиша указот за прогласување на законот за употреба на јазиците, истиот повторно ќе се најде во Собраниска процедура, при што ВМРО–ДПМНЕ ќе има можност активно да интервенира преку амандмандска расправа“, соопштија минатиот понеделник од Владата.
На интернет страницата на Венецијанската комисија при Советот на Европа може да се забележи дека никаде не е забележано оти е пристигнато барањето на Република Македонија за оцена на уставноста на Законот за употреба на јазиците, како што тврдеа од Владата и премиерот Зоран Заев.
Иако преставниците на Владата на СДСМ и Зоран Заев веќе со месеци ја убедуваат македонската јавност дека законот е испратен на оценување во Венецијанската Комисија сепак доказите го потврдуваат спротивното.
Кон ваквите тврдења се приклучи и професорката Гордана Силјановска која во гостувањето на ТВ Нова потврди дека ваквиот закон сѐ уште не е пристигнат на оценување во Венецијанската комисија. Дополнително досега не е забележано да се испрати било каков закон до Венецијанската комисја откако ќе се изгласа. Практиката обично покажува дека тоа најпрво се прави пред да се донесе законот за евентувално забелешките кои ќе ги констатира Венецијанската комисија да се вградат во предлог законот.
Претходно изминатиот викенд францускиот амбасадор во Македонија, Кристијан Тимоние, изјави дека има простор за подобрување на текстот на Законот за употреба на јазиците, бидејќи, како што вели, се работи за многу комплициран текст.
„Има простор за подобрување на содржината на Законот за употреба на јазиците и не сум единствениот кој смета дека се работи за комплициран текст кој не е лесно да се разбере“, вели францускиот амбасадор“, Кристијан Тимоние во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Францускиот амбасадор не верува дека спроведувањето на законот би можело да биде причина за меѓуетнички раздор и оти, како што вели, по реакциите од албанската заедница и другите заедници забележал дека и покрај критиките, волјата да се живее заедно и да се напредува кон ЕУ се многу понапред од овој закон.
„Од друга страна, она што ме интересира повеќе за овој текст е дали се разговараше за амандманите, дали правната рамка одговара на уставната, дали, на пример, целта на текстот, но и финансиските последици беа претставени пред јавноста? Сето тоа за нас се интересни прашања кои треба да покажат дали македонскиот систем функционира како нормален систем. За мене ова е своевиден тест. Од друга страна, да бидам целосно искрен, ќе ви кажам дека постои простор за подобрување во самиот текст и тоа е возможно, затоа што станува за разговори, ова е процес којшто сѐ уште не е завршен и не би сакал да се изјаснувам“, изјави амбасадорот Тимоние.
Европското знаменце е поставено врз основа на Европската конвенција за употреба на јазиците, одговори премиерот Заев на пратенички прашања во ноември минатата година.
,,Законот за употреба на албанскиот јазик не е европски приоритет, ниту пак дел од реформите што Македонија треба да ги испорача за да го истрча последниот километaр од европскиот маратон за чиста препорака. Законот мора да биде во согласност со препораките на Венецијанската комисија“,изјави еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, при посетата на Македонија во ноември минатата година.
„Владата и другите фактори во земјата се фокусираат на законите и условите кои се релевантни за добивање на препорака. Законот за јазик не е дел од она што е договорено во овој контекст“, изјави тогаш Хан.
Законот ќе биде предмет на разгледување пред Венецијанската комисија, и тоа надвор од стандардната поцедура и практиките, постфесутм, односно по неговото носење.
„Наместо да финансира врвна наука, врвно образование, врвна култура, врвни егзистенцијални стандарди тој покажува дека вулгарниот политички прагматизам е помоќен од сè друго, ја загрозува слободата на говорот/мислењето, манипулира со демократските процедури“, рече неодамна академик Катица Ќулафкова за Законот за јазиците.
Додава дека законот ги делегитимира Македонците да имаат право на граѓанска држава со национален белег (јазик, народ, според параметрите на ОН), протежира начело на позитивна дискриминација, иницира репресивна практика во сферата на јазикот и културата, поттикнува законска конфузија и хаос, на голема врата воведува нееконоимично/недомаќинско работење на институциите на државата, го доведува во прашање постоењето на било која национална установа во Република Македонија.