Трамп: Никогаш не било подобро да се започне да се живее американскиот сон

Американскиот претседател Доналд Трамп во традиционалниот говор за состојбата на нацијата ноќта кон средата по македонско време, по годината што ја одбележаа острите политички судири околу неговите политики, ги повика републиканците и демократите да работат на постигнување компромиси и ги истакна достигнувањата на неговата администрација во економската сфера.

„Вечерва сите не’ повикувам да ги ставме разликите настрана, да настојуваме да изнајдеме заеднички јазик“, изјави Трамп во Претставничкиот дом на американскиот Конгрес во својот прв говор за состојбата на нацијата.

Сепак, во текот на говорот во кој Трамп повикуваше на единство на двете партии, беше видлива поделбата меѓу двата табора. Републиканцките бучно ги поздравуваа и ракоплескаа на неговите пораки, додека демократите главно молкум седеа на своите места.

Трамп во говорот кој траеше 80 минути ги истакна заслугите на неговото претседателство за растот на економијата и берзата, тврдејќи дека неговата администрација го спровела најголемите даночни кастрења и реформи во американската историја.

Посочи дека од изборите во ноември 2016 година, неговата администрација создала 2,4 милиони работни места, и дека годините стагнација конечно се гледа раст на платите. Невработенсота е на најниското ниво во последните 45 години, а невработеноста на Американците од африканско потекло е најниската во историјата, истакна Трамп и додаде дека на тоа е „особено горд“.

„Ова е нашиот нов американски момент. Никогаш немаше подобро време да се започне да се живее американскиот сон“, рече Трамп.

Во врска со надворешната политика американскиот претседател во говорот тврдеше дека САД ги обновуваат својот углед и моќ во светот.

Во борбата на коалициските сили против џихадистичката групација Исламска држава во Ирак и во Сирија овие земји се речиси ослободени, рече Трамп и најави дека ќе го продолжи ангажманот на САД во Авганистан, како и дека повеќе нема јавно да ги најавува плановите или роковите за повлекување на американските сили.

Потсети дека во ОН десетици земји гласаа против сувереното право САД да го признаат Ерусалим за израелска престолнина, откако тој на 6-ти декември го ефектуираше законот донесен во Конгресот во 1995 година, и продолжи велејќи дека од Конгресот сака одлука со којашто ќе осигури американската финансиска помош во странство „секогаш да им служи на американските интереси и да оди само кај пријателите, а не кај непријателите на Америка“.

Отпадничките режими, терористичките групи и ривалите, вклучително Кина и Русија, „ги загрозуваат нашите интереси, нашата економија и нашите вредности“, рече Трамп. Во говорот американскот претседател не го спомена прашањето и истрагите за наводното руско мешање во американските претседателски избори, за што опозицијата обвинува дека било во негова полза.

Нарекувајќи го севернокорејскиот режим „изопачен“, Трамп на Американците им порача дека настојувањата на Пјонгјанг да дојде до нуклеарни балистички проектили би можело „многу брзо да ѝ се закани на нашата татковина“ и вети продолжување на кампањата за одржување на притисокот тоа да не се случи.

„Треба само да го погледаме изопачениот карактер на севернокорејскиот режим за да го сфатиме карактерот на нуклеарната закана којашто тој може да ја претставува за Америка и за нашите сојузници“, рече Трамп.

Додаде во тој контекст дека САД треба да го „модернизираат и обноват својот нуклеарен арсенал, надевајќи се дека никогаш нема да мораме да го употребиме“. Нуклеарните капацитети на САД мора да бидат „толку моќни за да одврат секој вид агресија“.

„Можеби еден ден ќе дојде волшебен момент кога земјите во светот ќе се здружат за да го елиминираат нуклеарното оружје. За жал, се’ уште до тоа не сме дојдени“, рече Трамп.

Во говорот за состојбата на нацијата Трамп рече дека од Конгресот бара да обезбеди САД и натаму да имаат можност да ги затвораат терористите „каде и да ги фатиме“, како и дека го повлекол неисполнетиот налог на неговиот претходник Барак Обама за затворање на контроверзниот затвор Гвантанамо. Во моментов во овој воен затвор во американската воена база на Куба во моментов има 41 затвореник за кои во најголем дел уште нема покренато обвинение за тероризам.

Трамп потоа во својот говор истакна дека негов приоритет како претседател се американските граѓани.

„САД се нација со сочувство. Горди сме што правиме повеќе од која и да е друга држава за да им помогнеме на оние коишто имаат потреба, на оние коишто патат и на сиромашните во светот. Но како претседател на САД најголемата предаденост, најголемото сочувствување и мојата постојана грижа ја имаат американските деца, американските работници кои се мачат и заборавените американски заедници“, рече Трамп.

Претседателот рече дека предложил „чесен компромис“ за реформа на имиграциската политика, во надеж дека ќе ја добие поддршката на демократите за усвојување на законот во Конгресот.

Трамп рече дека би можел да постои „пат кон државјанство“ за до 1,8 милиони лица коишто илегално се доведени во САД како деца, и повторно побара „ѕид на јужната граница“, коешто беше едно од клучните ветувања од неговата кампања.

Повика и доделувањето на визите за влегување во САД со лотарија да се замени со систем „заснован на заслуги“, и да се запре имиграцијата преку семејните врски, освен во случај на сопружниците и малолетните деца.

Трамп рече дека би сакал да се постигне компромис околу планот на обновувањето на старите патишта, мостови и друга инфруструктура, како и со закон во Конгресот за таа цел да се генерираат 1,5 билиони долари од средствата на сојузните, локалните и властите на сојузните држави, како и со придонеси од приватниот сектор.

Трамп, исто тоака, и порача на пратениците дека сака да го продолжат „правото на обид“, односно можноста болните во терминална фаза од заболувањата да пробаат експериментална терапија кои сојузните власти уште не ги одобриле, а лекарите кои ги даваат да добијат имунитет. Законскиот предлог во таа смисла Сенатот веќе го одобри во август со 94 гласови „за“ и еден „против“.