Тајланд забранува пушење на плажите

Тајландските власти поради сѐ позачестените извештаи за големи купови смет и остатоци од цигари на популарните плажи одлучија да се борат против пушењето на својот посетуван тропски брег.

Забраната за пушење и фрлање отпадоци воведена е на 24 плажи ширум земјата, објавија властите. Меѓу нив се наоѓаат најпознатите туристички дестинации, како јужниот остров Кох Таоа, и плажата Патонг во градот Пхукет и Хуе Хин на југозападот од Тајланд.

Само на Патонг месечно се собираат 140.000 догорчиња од цигари што претставува 30 отсто од целиот смет на оваа плажа, истакна Џатупорн Буруспат, директор на тајландската организација за морски и крајбрежни стратегии.

Секоја туристичка точка ќе добие одвоени зони за пушачите, а оние коишто нема да се прилагодат на овие мерки им се заканува парична казна од 3,190 американски долари и максимална затворска казна од една година, предупредува Џатупорн.

Меѓутоа, туристите не треба да бидат загрижени дека веднаш ќе бидат приведени, бидејќи првите неколку пати ќе бидат предупредувани, појасни Паират Чароенсири од бирото за односи со јавноста на споменатата организација.

Тајланд минатата 2017 година угостил 35 милиони туристи, а овој број се зголемува од година в година, поради што се јавува сѐ поголемото стравување околу влијанието врз животната средина и одржливоста на туризмот во оваа земја на југоистокот од Азија.