Барса на колена пред моќниот Атлетико Мадрид

Точно дека звучи неверојатно, но фудбалерите на Атлетико Мадрид го елиминираа каталонскиот гигант Барселона и обезбедија пласман во полуфиналната рунда од Лигата на шампионите.

Реванш 1/4 финалниот дуел на “Винсенте Калдерон” заврши со минимален триумф на популарните “јорганџии”, а единствениот погодок на натпреварот, постигнат во 5 минута, беше дело на младиот играч за врска Коке.
Вината за непријатната елиминација, Барселона мора да ја побара во сопствените редови, во очајната игра на Лионел Меси кој имаше малку прецизни додавања, а под очекуваното ниво одиграа и Андрес Иниеста, Жорди Алба и Дани Алвеш.

Како и што се очекуваше, пласман во полуфиналната рунда обезбеди и актуелниот бранител на тронот, Баерн Минхен.

Иако Манчестер Јунајтед, прв дојде во водство, со погодокот на Патрис Евра, реванш дуелот на “Алианц Арена” на крајот заврши со убедлив триумф на баварскиот гигант од 3:1.

Домаќинот израмни со погодокот на Марио Манџукиќ, на 2:1 зголеми Томас Милер, а во листата на стрелци се запиша и холандскиот интернационалец Арјен Робен.

Резултати: Баерн Минхен – Манчестер Јунајтед 3:1 (вкупно 4:2), Атлетико Мадрид – Барселона 1:0 (2:1).