Повторното судење за „Монструм“ ќе продолжи во март

Во Кривичниот суд во Скопје во понеделникот започна повторното судење за случајот „Монструм“ против обвинетите за петкратното убиство кај Смилковското езеро во Скопје на 12 април 2012 година, а ќе продолжи на 14-ти март, а застапникот на обвинетите побара случајот да го преземе Специјалното јавно обвинителство.

Причина за одложувањето е  тоа што во обвинението коешто обвинителот Наум Пановски го читаше во судницата го немаше делот во кој кривично се гони Сами Љута, а обвинението за него беше поднесено подоцна .

Судскиот процес, кој го води судијата Огнен Ставрев, почна со читање на обвинителниот акт.

Обвинителот Наум Пановски рече дека остануваат на првичниот обвинителен акт, со кој обвинетите се товарат за тероризам. Шест лица беа осудени во „Монструм“ на казна доживотен затвор под обвинение за тероризам.

Судот го задолжи обвинителот да ги спои двете обвиненија во едно. Обвинителот Пановски читајќи го обвинението нагласи дека пред петкратното убиство, обвинетите го разгледувале теренот кај Смилковското Езеро, регистрирале колку лица и од која националност доаѓаат и го напуштаат местото.

Пановски ги читаше повредите од кои почитале четирите момчиња и рибарот и нагласи дека убиството обвинетите го сториле со умисла на свиреп и подмолен начин. Сторителите со автоматски пушки на жртвите од блиску им пукале во прстите, вратот, стапалата, стомакот, во градите.

Обвинителот спомена дека на обвинетите кои се опфатени со обвинителниот акт им помагале уште две лица чиј идентитет засега е неутврден. Тие им помогнале преку нелегален премин да побегнат во Косово.

Адвокатот на обвинетите во случајот „Монструм“, Насер Рауфи, по денешното рочиште во Кривичниот суд побара случајот да го презеде Специјалното јавно обвинителство, коешто веќе една година водела предистражна постапка за овој случај.

„Очигледно постоеле прислушувани разговори за случајот“, рече  Рауфи по денешното рочиште.

На обвинителна клупа денеска се четворица обвинети, додека првообвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ по кои има меѓународни потерници со години се во бегство во Косово.

На 24-ти ноември Врховниот суд на Република Македонија ги уважи жалбите на одбраната за случајот „Монструм“ за петкратното убиство кај Смилковското Езеро. Првостепената и второстепената пресуда за предметот се укинати и се враќаат на повторно одлучување во Кривичниот суд.

Јавната обвинителка Лилјана Спасовска тогаш побара укинување на првостепената и второстепената пресуда и враќање на предметот „Монструм“ на повторно одлучување поради неутврдена фактичка состојба, но и поради евентуално постоење на прислушувани разговори кои би можеле да го сменат текот на постапката.

Масакрот кај Смилковското езеро се случи на 12-ти април 2012 година, на Велики четврток, пред големиот христијански празник Велигден, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски.

За петкратното убиство кај Смилковското езеро, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ и Езим и Хаки Азири и Самил Љута.

По укинувањето на пресудите, Врховниот суд во декември лани ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост. За судот се уште недостапни се Алил Демири и Африм Исмаиловиќ по кои се распишани меѓународни потерници.