Поранешниот началник во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Горан Грујевски, и неговиот колега Никола Бошковски, денеска треба да се појават на рочиште во Врховниот суд во Атина, каде ќе се одлучува по нивната жалба за одлуката за екстрадиција на судот во Солун.
Сослушување на Грујевски и Бошкоски пред Комитетот за азил во Солун во четвртокот беше одложено, каде што тие требаше да ги изнесат причините поради кои го бараат азилот во Грција. Претходно нивното првично сослушување во Комитетот беше одложено бидејќи имало проблем со обезбедување преведувач на македонски јазик.
Одлучувањето во Атина доаѓа по нивните жалби откако Основниот суд во Солун одлучи дека тие треба да бидат екстрадирани во Македонија. Освен за екстрадицијата, Грујевски и Бошковски имаат уште два други процеси во Грција, независни еден од друг. Се очекува двајцата да бидат екстрадирани во март, кога во Кривичниот суд се закажани рочиштата за случаите на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) „Таргет“, „Тврдина“ и „Трезор“.
Грујевски и Бошковски барање за добивање политички азил во Грција доставија на 29-ти ноември минатата година, што се смета за очекуван правен потег, имајќи предводи дека во вакви случаи се пролонгира екстрадицијата. Со поднесеното барање за политички азил, пак, се отвори нов паралелен и дополнителен процес.
Грујевски и Бошковски, во Грција, веќе имаат три различни и меѓусебно неповрзани процеси, едниот за екстрадицијата по издадената меѓународна потерница од македонска страна, другиот за фалсификуваните пасоши со кои беа фатени на солунскиот аеродром и третиот по барањето за азил.