Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во саботата во обраќањето на безбедносната конференција во Минхен ги отфрлил на недокажани нагаѓања обвиненијата на специјалниот обвинител на САД против тринаесет Руси наводно за мешање во американските претседателски избори во 2016 година.
„Може да се објави сѐ, што ќе посакате. Додека не ги видиме фактите, сето друго ќе биде брборење. Простете ми, до Бога, за не многу дипломатскиот речник“, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на безбедносната конференција во баварската престолнина и додаде дека нема натаму да коментира.
Притоа посочи на изјавите на американските функционери кои ги негираат извештаите дека некоја земја влијаела врз резултатот на претседателските избори во САД во ноември 2016 година.
Специјалниот обвинител Роберт Мјулер обвини руски лица и три компании за наводен заговор со цел за измами во САД, банкарска измама и кражба на идентитетот. Меѓутоа, Москва досега не добила никакво американско барање против споменатите субјекти.
Тие лица, според обвинителот, се претставувале како американски граѓани и отворале профили на социјалните мрежи за да влијаат врз американската јавност во текот на претседателската трка, но не влијаеле на исходот од изборите на коишто победи Доналд Трамп, изјави Мјулер.
Претседателот Трамп на Twiter објави дека обвинението, коешто наведува дека овие активности се започнати во 2014 година пред тој и да објави дека ќе влезе во претседателската трка, покажува дека неговиот изборен тим не сторил „ништо лошо“, односно дека немало договор меѓу неговата кампања и Москва.
Сепак одговорот на Лавров во Минхен беше малку подипломатски во острината од коментарот на портпаролката на министерството за надворешни работи Марија Захарова којашто обвиненијата ги нарече „апсурдни“.
„Тринаесет луѓе се мешале во американските избори? Тринаесет луѓе против буџетот од милијарди долари за безбедносните служби? Против разузнавачки и контраразузнавачки агенции, против новите технологии? Апсурдно? Да!“, изјави Захарова.