
Премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинаски прашања во саботата рече дека според сознанијата човекот кој наводно имал задача да го ликвидира во насатаните од 27-ми парил во Собранието, сега е во притвор.
„За деталите верувам дека правосудните органи ќе дадат соодветно соопштение, или информирање во соодветен временски период, како се одвиваат судските постапки, мислам пред се на судиите и јавните обвинители. Јас знам дека човекот којшто ја добил таа задача е во притвор“, рече Заев.
Минатиот петок, неделникот Фокус објави дека истрагата открила телефонски разговори на двајца учесници во собраниските инциденти на 27-ми април кои неколку месеци подоцна зборувале за неуспешна ликвидација на Заев во Собранието.
Едниот соговорник го кара другиот и го прашува зошто не го убил Заев, кога тоа било договорот. Соговорникот се правдал дека се обидувал но немал чиста мета, пишуваше во минатиот број неделникот.
Обвинителството минатиот петок соопшти дека во истрагата за 27-ми април не се користени посебни истражни мерки, во кои спаѓа и следење на комуникации.