
Јавноста е шокирана од незаконските и вандалски постапки на СДСМ. Рушењето на споменикот на македонскиот револуционер Андон Јанев Лазов – Ќосето кое беше изведено во раните утрински часови е нелегално, изјави во неделата Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ.
Презентираше извадок од Деталниот урбанистички план со впишана маркица за поставување на споменикот, донесена од Советот на општина Центар. Врз основа на оваа маркица е донесена одлука на град Скопје за поставување на споменикот.
„Ова е одлуката на Советот на град Скопје, со која се одобрува подигање на спомен обележјето на Ќосето. Оваа одлука е донесена со бадентерово мнозинство на Советот на 15.07.2014 година врз основа на чл.36 од Законот за локална самоуправа и чл.18 од Законот за меморијални споменици и спомен обележја. Овој правен акт е се уште на сила. Согласно оваа одлука градот Скопје има обврска да го чува, одржува, заштитува и користи споменикот. Оттука постапката на град Скопје за рушење на споменикот е целосно незаконска и претставува акт на вандализам“, додаде Костовски..
Според него, рушењето на споменикот е обид за рушење на идејата за Македонија. Идејата која била мисла водилка на генерации Македонци кои животот го ставија на располагање на татковината.
„Јавноста е шокирана од зборовите на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски кој тврди дека рушењето на споменикот е исполнување на договорот за добрососедство со Бугарија. Зоран Заев, МНР и Петре Шилегов молчат и не го демантираат Џамбаски. ВМРО-ДПМНЕ прашува уште колку тајни ветување дал Заев на Бугарија како дел од договорот и колку отстапки треба да направат Македонија и македонскиот народ во иднина. Јавноста е фрапирана со која леснотија СДСМ руши и уништува. Копирање на постапките на Талибанците и ИСИС не значи просперитет, туку назадување. Наместо нови улици, патишта, училишта, болници, водоводи и канализации, секојдневно сме сведоци на деструкција со која се прикрива безидејноста и неспособноста. ВМРО ДПМНЕ откако ќе се врати на власт ќе ги исправи неправдите и незаконските постапки на СДСМ“, изјави Костовски.