(ФОТО) Службите на Град Скопје потфрлија, нерасчистени и непроодни улици поради снегот

Првиот снег во Скопје ги прекри улиците, но ја соголи неспособноста на новите градски власти предводени од градоначалникот Петре Шилегов да се справат со дессетината сантиметри снег, реагираат граѓаните на социјалните мрежи.

Граѓаните се незадоволни од реакцијата на градските служби, но и тоа како институциите се справуваат со снегот на останатите патишта низ државата, кои поради снежните наноси се неисчистени и на дел од нив сообраќајот се одвива во екстремни услови.

На социјалните мрежи масовно се поставуваат снимки и фотографии од условите со кои утрово скопјани се бореа за да дојдат до своите работни места.

Фотографиите истратени до редакцијата сведочат дека улицата „Христо Татарчев“ е речиси непроодна за сообраќај по населбата Припор.

Како што извести ЈСП автобусот со број 24 сообраќа само до Кисела Вода, а од приградските линии во овој дел од главниот град автобусите со број 58, 58а и 58б место до селата во општина Сопиште сообраќаат само до Кисела Вода.

Поради снегот денеска во Скопје повеќе градски и приградски автобуски линии се скратени. Не сообраќа автобусот до Нерези (Македонско село) и приградските линии 64, 80, 80а и 180.
Како што соопшти ЈСП „Скопје“, автобусот со број 3 место до „Панорама“ сообраќа до Клинички центар, а 16 место до Пржино сообраќа до црквата „Св. Петка“.

Автобусот со број 164 сообраќа до Орман, 160 до Шишево, 81 до Чучер, 74 до Драчево, а 73 до фабриката Усје. Автобусите со број 11 и 11а место до Рашче и Горно Свиларе сообраќаат до рампата пред селото, автобусот со број 32 сообраќа до Сарај, 47 до Радишани, а 47а до Љуботенски пат.

Автобусите со број 51 и 51а сообраќаат до крстосницата пред селото Студеничани, 53 оди само до село Катланово, 55 сообраќа до мостот пред Арачиново, а 55а место до Брњарци до крстосницата.

Автобусот со број 61 место до селото Побожје сообраќаа до Каменоломот, 63а оди до Бунарџик, 64а до Орман, а 65 и 65б до Црешево. Автобусот со број 65а место до Страчинци сообраќа до гробиштата, 68 до Ржаничино, а 70 место до Батинци, сообраќа до главниот пат до вториот мост.

Од ЈСП „Скопје“ информираат дека контактираат со Зимската служба на Град Скопје и во зависност од временските услови се очекува поголем дел од овие линии нормално да сообраќаат.