За Грците Заев ставил вето за промена на Уставот и за име без превод

Во коментарите на вчерашното интервју на македонскиот премиер Зоран Заев за „Еуроњуз“ грчките медиуми ја користат изјавата на Ангела Меркел од заедничката прес конференција во Берлин токму со него за тоа дека „јавните изјави може повеќе да му наштетат на процесот“.

„Грчки дипломатски извори се прашуват која е намерата на јавните споменувања од скопската страна на прашањата за кои се преговара, потсетувајќи на неодамнешната изјава на германската канцеларка Меркел дека тоа е дипломатска уметност и за тоа не треба да се зборува на прес-конференции, туку зад затворени врати. Верувам дека јавните изјави повеќе може да му наштетат, отколку да му користат на процесот“, објавува Еуроњуз во текст, што го споделува заедно со вчерашното интервју на премиерот Заев.

Грчките медиуми, пак, ги пренесуваат двете вчерашни интервјуа на македонскиот премиер за Шпигел и за Еуроњуз, ставајќи го акцентот на пораките дека не е потребна промена на Уставот и дека не се согласува името да биде без превод.

„За информациите дека грчката спогодба предлага имиња со едно име на словенски, без превод, Зоран Заев стави вето“, коментира грчката телевизија Антена.

„Можеби премиерот на ПЈРМ при секое негово јавно излагање ја повторува неговата волја за решение, но изгледа како да не е подготвен да отстапи од големите и трнливи прашања. Иако уште од почеток се знаеше дека не е во позиција да направи ревизија на Уставот, поради недостиг на потребното мнозинство во собранието, Атина испрати порака дека не постои договор без ревизија“, пишува онлајн изданието на Прото тема.

Заев во споменатото интервју посочи дека „нема потреба да се смени“  Уставот кој го опиша како „домашна книга и нема последници надвор од земјата“.

„Направивме ревизија на нашиот Устав во 1993 година поради чувствата на нашите пријатели Грците. Сакаа да бидат повеќе покриени, да се чувствуваат поудобно и така направивме и втора ревизија на нашиот Устав, за да преземеме мерки против иредентизам и било што друго слично. Сите чекори што ги направивме досега, се во насока на целосно отстранување на иредентизмот. Сигурно грчките граѓани знаат дека немаме територијални претензии или што било друго што е поврзано со тоа“, вели Заев во интервјуто.

Во однос на тоа дали и идентитетот е предмет на преговори, македонскиот премиер одговара негативно. Вели дека не постои разговор за идентитетот, односно за националноста, но постои параграф за државјанството.

Заев објаснува дека ерга омнес за името, значи спроведување на решението за останатиот свет.

„Ерга омнес значи имплементација за останатиот свет, за целиот друг свет. Ние сме подготвени да разговараме за оваа имплементација, затоа што знам дека е многу важна за грчката страна. Треба да ги разбереме во однос на ова, зошто за нив е неопходно да имаат ерга омнес“, рече Заев.

Од друга страна, во вторникот порталот Курир.мк во текстот под наслов „Мизерија и понижување на Македонија без мерка и усул: Заев во интервјуто за Еуроњуз ниту еднаш не ја спомна Македонија“. абезлежува дека македонскиот премиер го „допре новото дно во понижувањето на Македонија, македонскиот народ и македонскиот идентитет“.

Во интервјуто кое траеше 11 минути, премиерот Заев буквално ниеднаш не го изговори зборот Македонија, а дури 27 пати кажа „нашата земја“, „нашите граѓани“, „нашата страна“ и други слични маневри со кои избегна да го каже зборот Македонија, забележува портдалот.

„Досега таквите понижувања со ’нашата земја’ доаѓаа од разни страни, но сега првпат во историјата Македонија има премиер кој буквално одбива да го изговори името на Македонија и македонскиот народ“ пишува Курир.мк.