Владата ги негира изјавите на премиерот за Reuters

Премиерот Зоран Заев во интервју за агенциајта Reuters изјави дека Македонија понудила четири предлози за решавање на долгогодишниот спорт со Грција, и тоа: „Република Северна Македонија“, „Република Горна Македонија“, „Република Вардарска Македонија“ и „Република Македонија (Скопје)“.

Како што пренесе агенцијата, Заев изјавил дека останува отворено прашањето дали постои „вистинска потреба“ за промена на Уставот. Но, во писмената реакција на Владата се вели дека Reuters погрешно го интерпретирале интервјуто, додавајќи дека четирите горенаведени предлози не се на македонската страна, туку на посредникот на ООН, Метју Нимиц.

Во реакцијата, исто така. се вели дека Заев за Reuters изјавил дека Македонија е подготвена да направи исчекор во однос на името, но не и да ја надмине црвената линија.

Официјална Атина, пак, останува на првичниот став, решение „ерга омнес“ вклучувајќи и промена на Устав и преговори за се, вклучувајќи го државниот идентитет и јазик.

„Ние кажавме кои се предуслови за постигнување решение. Затоа, ако нашиот сосед има расположение и волја да одиме напред, да одиме кон заеднички прифатливо решение, ние сме отворени и ова го докажавме, но ако не, тогаш нема да има решение“, изјави Димитрис Цанакопулос- портпарол на грчката влада

Шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас рече дека грчката страна верува дека решението треба да биде долгорочно.

„Скопската страна верува дека секое решение треба да биде прилагодливо за нив. Ние веруваме дека треба да биде решение кое ќе биде отпорно на времето и ќе биде праведно“, рече Никос Коѕијас- министер за надворешни работи на Грција

Грчкиот дневен весник „То Вима“ повикувајќи се на дипломатски извори вели дека шансите за решавање на спорот се мали. „То Вима“ пишува дека и покрај обидите за компромис за главните точки, разликите на двете страни се многу големи