
Основното јавно обвинителство ќе истражува дали во Државната комисија за спречување на корупција злоупотребувале државни пари.
Основното јавно обвинителство Скопје оформи предмет по допрен глас за трошењето на буџетски средства од страна на членовите на Државната комисија за спречување на корупција. По објавите во медиумите, обвинителството презема дејствија за утврдување на фактите во предметот, за прибирање на податоци и на потребната документација од Управата за јавни приходи и други релевантни институции.
Истрагата следи откако ревизијата на УЈП, како што објавија медиумите, констатирала нерегуларности со тоа што на членови на ДКСК им биле исплаќани патни трошоци за доаѓање на седници врз основа на неверодостојни патни налози. Некои од нив не доаѓале на работа, туку само на седници и поднесувале по три патни налози за ист ден. Освен за патни трошоци, злоупотреба на државни пари имало и при изнајмување на станови.
Потпретседателката на Собранието и пратеник на СДСМ, Фросина Ташевска Ременски денеска најави дека законодавниот дом како орган надлежен за избор на членовите на ДКСК ќе покрене постапка за разрешување на членовите на комисијата поради наводите во ревизијата.