Кривична за поранешниот градоначалник на Ново Село

Полицијата поднесе уште една кривична пријава против поранешниот градоначалник на Ново Село, Блаже Велков кој е осомничен за малверзации со нафта. Секторот за внатрешни работи Струмица, до Основното јавно обвинителство Струмица поднесе кривична пријава против градоначалникот поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“. За криминалот е осомничен и А.Б. (54) од село Мокрино, сопственик на фирма од селото, кој се товари за „соизвршителство“.

Според МВР, Министерството за животна средина и просторно планирање во 2015 година на општина Ново Село и доделиле  6.000 литри нафта за чистење на речни корита. Во јули истата година во посебно направени буриња за складирање на нафта во подрумските простории на административната зграда во општина Ново Село биле примени 3.000 литри нафта. Градоначалникот Велков, спротивно на Законот за спречување на судир на интереси, во содејство со А.Б.,  без да биде спроведена јавна набавка за чистење на речно корито „Порој канал“ во село Колешино, на вработен во општина Ново Село му наредил останатите 3.000 литри да бидат источени во цистерна во сопственост на А.Б., лоцирана во магацин во Струмица.

Осомничениот подоцна ја добил јавната набавка за работата, па изготвил и издадена приемница на 3.000 литри нафта и таа била доставена како доказ за евиденциите во општина Ново Село дека нафтата е примена.

Откако биле источени доделените 6.000 литри нафта за потребите на општина Ново Село, Б.В., иако бил должен, не водел евиденција за искористените количини на нафта, ниту пак изготвил документција со што постои основано сомневање дека тој со останатите пријавени се стекнал со противправна имотна корист на штета на општина Ново Село во висина од 300.000 денари.