
Турската армија соопшти дека нејзината војска го зазела Џиндерес, клучниот град во енклавата Африн на северозападна Сирија. Во соопштението се вели дека војската ја презела контролата врз градот од курдските борци, неколку часа откако државната агенција ја пренесе информацијата дека војската и сојузничките сили на сиријската опозиција влегле во јужниот дел од градот.
Борбите за градот траеле цел ден по што војниците го поставиле турското знаме во центарот на Џиндерес.
Претходно, шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу најави дека Турција и ирачката Влада ќе изведат заедничка операција против курдските екстремисти во северниот дел на Ирак.
– Трансграничната соработка би можела да почне откако во Ирак ќе бидат одржани парламентарните избори, што се планирани за мај- посочи Чавашоглу.
Тој исто така наведе дека турската офанзива во регионот Африн, северна Сирија, што почна на 20 јануари против курдските Единици за заштита на народот, ќе заврши во мај.
Анкара ја почна операцијата „Маслиново гранче“ во Африн во обид да ја „исчисти“ турската граница со Сирија од курдските Единици за народна заштита (ИПГ). Турските власти тврдат дека ИПГ се поврзани со Работничката партија на Курдистан, која Анкара ја смета за терористичка организација.