ВМРО-ДПМНЕ: Зошто некој сакал да го сокрие исчезнувањето на 17 годишното девојче од Домот за деца без родители?

За само еден месец имаме втор скандалозен случај со штитеници од дом за деца без родители, кoj што министерството за труд и социјала се обидува да го сoкрие од јавноста, рече во неделата на прес-конференција Јована Мирческа од ВМРО-ДПМНЕ.

Потсети дека во саботата беше објавено дека седумнаесетгодишно девојче речиси четири месеци било исчезнато од Домот за деца без родители „11-ти Октомври“ во Скопје, а службите дури пред само два дена пријавиле во МВР дека е исчезнато.

„Зошто некој сакал да го сокрие исчезнувањето на седумнаесет годишното девојче од Домот за деца без родители? Дали министерката Мила Царовска е запознаена што се случува низ институциите на министерството и дали некој воопшто се грижи за штитениците од домовите?“, праша Мирческа и додаде дека што треба да се случи за Царовска „да ја признае неспособноста, да се извини и да го препушти местото на некој што ќе знае да ја врши функцијата?“.

Мирческа, исто така, потсети дека минатиот месец беше обелоденето дека 13-годишно малолетно девојче забременило откако била сексуално злоставувана и малтретирана, а никој не ја поносе никаква одговорност за истиот чин, како и дека се појавија потврди дека дете шест месеци било исчезнато и пронајдено на скопските улици.

„Уште колку малолетни штитеници треба да исчезнат или да бидат малтретирани и злоставувани, за конечно да профункционираат институциите на системот? Додека Мила Царовска молчи, граѓаните очекуваат одговори, но и одговорност. Одговорност од министерката Мила Царовска мора да има. Најмалку што може да направи е да си поднесе оставка поради неспособноста да ја води институцијата“, заклучи.