
Тројца сведоци беа сослушани на денешното рочиште за предметот на СЈО „Тенк“, по што судењето беше прекинато оти четвртиот сведок во случајот за блиндираниот „мерцедес“ не дошол во судот.
Судијката Добрила Кацарска по нивните искази го прекина судењето и наредното го закажа за 21 март.
Во „Тенк“ се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот помошник министер во МВР, Ѓоко Поповски.
Двајца сведоци сослушани од СЈО беа вработени во МВР од кои едната присуствувала на отворањето на понуда, која била единствената, и оти од тоа бил составен записник. Вториот вработен исто така присуствувал само на отворање на понудата и понатаму не учествувал во постапката.
Третиот сведок вработен во „Макаутостар“, кој во 2012 година бил директор на продажба на комерцијални возила од марка „мерцедес“ и „мицибуши“, кажа дека нема многу информации за набавката бидејќи на подготовката на понудата работел негов колега, Тој бил замолен дигитално да ја потпише понудата за да може да се поднесе.