Исламот не е дел од Германија

Новиот германски министер за внатрешни работи, Хорст Зехофер порача денеска дека „Исламот“ не е дел од Германија. Германија е христијанска земја, а со тоа одат слободните недели, црквените празници како и ритуалите за Велигден, Божиќ и други празници, истакнал Зехофер.

Изјавата на новиот министер за внатрешни работи е во спротивност со пораката на поранешниот германски претседател, Кристијан Вулф кој во 2010 година ја покрена дебата за мигрантите изјавувајќи дека „Исламот е дел од Германија“. Истата реченица на Вулф во 2015 година ја повтори и канцеларката Ангела Меркел за врема на протестите на групата „Пегида“ против исламизацијата на Европа.

– Муслиманите кои живеат кај нас нормално дека се дел од Германија, но не значи дека поради тоа треба да се откажеме од нашите традиции и обичаи- истакнал Зехофер.

Зехофер, кој е лидер на Христијанско-социјалната унија, баварска сестринска партија на демохристијаните на Меркел, најави одрќување на конференција за исламот за да се расправа за проблемите на интеграција на муслиманите.

– На муслиманите им порачувам дека мораат да живеат со Германците, а не поред или против нив. За да го постигнеме тоа неопходно е меѓусебно разбирање, а тоа може да го постигнеме само ако разговараме- рекол Зехофер.

Тој најави отворање на централни прифатни центри во кои барателите на азил, по нивното доаѓање во Германија, би биле сместени додека не се одлучи за нивната молба.