
Фијат Цаноски со дивоградбата, која не му била легализирана, сакал да оствари корист од околу 1,2 милиони евр,а рекоа обвинетите на денешното судење за случајот „ТНТ“, екс премиерот Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески и екс градоначалникот на Општина Гази Баба, Тони Трајковски.
Тројцата своите тврдења ги рекоа како дополнение на воведните зборови на одбраната, според која во текот на судскиот процес ќе докажат дека „Космос“ е класична дивоградба.
По барање на адвокатите, судот за наредното рочиште го одложи слушањето на „бомбите“, односно на аудио-снимките кои се дел од доказите на СЈО.
Груевски во своето излагање рече дека никогаш не се одмаздувал на поранешните политички партнери, а ако ја дозволеле дивоградбата ќе требале да одговараат пред законот заедно со Цаноски.
– Јас сум обвинет како потикнувач на потикнувачот на потикнувачот, на потикнувачот, што е само по себе апсурдно- рече Груевски.
Трајковски, пак, рече дека инвеститерот тоа што го градел го градел со умисла, а со една цел за поголема финансиска добивка за него.
-Овој објект беше изграден со недозволена висина од 1,43 метри. Ќе докажеме дека и самиот инвеститор ова наше тврдење го потврдува со повеќе документи кои ги испратија до општината. Тоа што го изградил незаконски отпосле бараше да биде одобрено од стручните служби во општината-истакна Трајковски.
Тој додаде дека Цановски незаконски градел, што доега било утврдено во неколку судски постапки.