
Пратеникот на ДУИ, Ејуп Алими, денес не дојде на судење на закажаното судењето за предметот „Титаник 3“ на Специјалното јавно обвинителство, а по неговото непојавување истото е одложено за повеќе од месец дена или за 27 април.
Како што рекоа неговите адвокати, тој заминал на дводневно службено патување во Албанија, каде ќе биде и денеска. И додека пратеникот на ДУИ, Алими не се појавува на суд и судењето веднаш му се одлага за повеќе од месец дена, за претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски судењата се закажуваат секој ден. Ова покажува дека судството има двојни аршини.
За некој судење може да се одложи, и само доколку лицето е два дена на пат, за некој судење може да се закаже и еднаш месечно. Практично за поранешниот премиер, Никола Груевски, во текот на една недела или пет работни дена за судот, за четири дена се закажани рочишта.
-Понеделник, вторник, среда… секој ден сум на судење. На Зоран Заев судот му закажува на два месеци, мене секој ден. Ова веќе не е судење. Ова е фарса. Ова е малтретирање- изјави Груевски на почетокот на февруари.
Кон крајот на минатата година тој укажа и на друга аномалија во судовите.
-Од една страна, нас ни ставаат по две рочишта на ден за да не држат по цели денови во судница и да ги забрзаат колку што може работите, а кога станува збор за Зоран Заев тоа се одлага две години и не може да почне неговото рочиште- вели Груевски.
Алими инаку е обвинет во предметот на СЈО за изборни измами.
На Алими и на Исмет Гури, кој бил член на Општинската изборна комисија на изборите во 2013 во општина Чаир им се суди за уништување на изборен материјал. Ејуп Алими не дојде на судење.
Поканата ја примил на 1 март, но заминал на службено патување во Албанија. Отсутен е од 15.03 до 16.03. СЈО праша дали морал да оди, односно дали патувањето е од исклучителна важност?
Одбраната посочи дека вакви состаноци ќе има и во април .