Словенечкиот претседател Борут Пахор изјави во саботата пред истражната комисија дека во времето додека беше премиер од 2008 до 2011 година поради економската криза, и поради договарањето на арбитражата со соседна Хрватска, не ги читал секогаш извештаите на разузнавачката служба SOVA, па така не знаел ништо за сомневањата дека преку „Нова љубљанска банка“ (НЛБ) се переле пари од иранска банка којашто тогаш била под меѓународни санкции.
„Не сум го прочитал извештајот на разузнавачката служба за тој случај, бидејќи се потпирав на своите советници“, изјавил словенечкиот претседател Борут Пахор пред парламентарната комисија за истражување малверзации во словенечките банки.
Комисијата досега испрашала 50-ина сведоци, вклучувајќи повеќе министри, поранешни полициски функционери, претставници на централната банка, советници од различни кабинети и челници на разузнавачките служби.
„Премиерот и шефот на државата мора работата да ја организираат рака да можат да се потпираат на своите советници при носењето на вистинските и значајните одлуки“, рекол Пахор, додавајќи дека со сите соодветни служби добро соработувал, но дека шефот на државата според словенечкиот устав не е личноста којшто по добивањето на некоја разузнавачка информација може да нареди покренување некоја акција.
Пахор рекол дека во времето кога се одвивале сомнителни трансакции на пари од Иран преку НЛБ, за коишто се тврди дека вкупно изнесувале речиси милијарда американски долари, бил преокупиран првенствено со последиците од тешката економска криза којашто настапи веднаш откако ја презема премиерската должност во 2008 година, но и со односите со Хрватска околу решавањето на отвореното погранично прашање, за кои оценил дека можеле да имаат тешки политички и безбедносни консеквенции.
За случајот околу наводното перење пари од Иран преку НЛБ, афера којашто датира од 2010 и 2011 година, комисијата треба да состави конечен извештај до крајот на мандатот на сегашниот состав на парламентот, доколку за тоа има време, бидејќи Пахор веќе ги најави парламентарните избори за крајот на мај, откако премиерот Миро Церар поднесе оставка претходно седмицава, а пред изборите треба да биде распуштен парламентот.
Наводните афери во словенечкото банкарство, сомневања за перење пари и проблематичната докапитализиција на тамошните банки во времето кога на најголемите банки им се закануваше крах поради ненаплатливите долгови, но и приватизацијата на државната НЛБ која премиерот во оставка Миро Церар сака да ја одложи за две години и покрај притисоците од Европската комисија, ќе бидат централни теми на предизборната кампања, а на расчистувањето на овие афеди особено инсистира десната опозиција.