
Македонија нема време за чекање и не смееме да дозволиме уште една генерација да загубиме, потребна е нова сила, нова надеж за Македонија,и народот и Македонија заслужуваат подобро, изјави во своето обраќање претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Тој најави дека ќе продолжи со теренските посети, бидејќи природната средина на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде теренот меѓу граѓаните бидејќи гласот на народот мора да биде слушнат.
-Во Македонија не се живее подобро. Стануваме држава каде сиромаштијатa расте, стандардот опаѓа, а корупцијата е највисока во Европа.Владата залудно потроши 10 месеци од животот на сите граѓани. Не е само проблемот што не решаваат потешкотии, не носат нови проекти, не реализираат ветувања, туку суштината е што не работат апсолутно ништо. Имаме уназадување на стандардите во секое поле. Политичко, економско, социјално.Имаме деградиран политички и правен систем каде упадите, кршењата и непочитувањатa стануваат пракса. Оние кои како опозиција палеа, фарбаа, тепаа полиција сега кршат закон, устав и деловник- изјави Мицкоски.
Според него, Македонија е држава на премиер со концесии каде едниот коалиционен партнер му ја држи главата на Заев под вода и на него му снемува воздух.
– Човекот враќа долгови и тоа освен што е штетно за државата е трагично да се гледа. Како волјата за власт по секоја цена го корумпира човекот-вели Мицкоски.
-Најпрво го узурпираа собранието, ги прекршија сите можни процедури во собранието само за да го донесат неуставниот закон за јазици, и откако на сила го изгласаа, а Претседателот Иванов се одлучи да го заштити Уставот тие тргнаа во офанзива да го напаѓаат дека го крши уставот. И ова е еден доказ за изместените вредности. Држава во која народните избраници кои го изгласале законот за јазици полицијата ги чува од сопствениот народ. Дополнително дел од нив јавно си кажуваат дека седеле дома за да не провоцираат. Значи, свесни се дека тоа што го направија е провокација и е далеку од здравиот разум- вели Мицкоски.