
Мажите коишто имаат мал број сперматозоиди имаат поголеми изгледи да патат од низа здравствени проблеми коишто ги изложуваат на поголем ризик од заболувања, покажува едно од најновите истражувања.
Истражувањето коешто опфатило 5.177 мажи покажало дека оние со низок број сперматозоиди имаат 20 отсто поголеми изгледи да имаат повеќе масно ткиво, зголемен крвен притисок и поголема стапка на лошиот холестерол. Имале, исто така, и поголеми изгледи за пониско ниво на тестостерон.
Авторите на студијата велат дека таа покажала оти мажи со помал број сперматозоиди треба да се подложат на потемелни медицински прегледи.
Нискиот број сперматозоиди и нивниот лош квалитет се јавуваат кај секоја трета двојка која има тешкотии да зачне дете. За потребите на ова истражување научниците ги анализирале мажите од неплодните двојки во Италија, за да утврдат дали квалитетот на сперматозоидите е поврзан со општата здравствена состојба на мажот.
Утврдле дека мажите со мал број сперматозоиди имаат метаболички синдром, односно збир од фактори на ризикот меѓу коишто и поголем индекс на телесната маса и зголемен крвен притисок. Тоа го зголемува ризикот од појава на дијабетес, срцеви болести и мозочен удар. Овие мажи, исто така, имале 12 пати поголеми изгледи за пониско ниво на тестостерон што го намалува мускулното ткиво и густината на коските и може да претставува прекурсор за остеопороза, состојба во којашто коските слабеат и полесно пукаат.
„Неплодните мажи имаат поголеми шанси да имаат истовремено и значителни здравствени проблеми или фактори на ризици коишто го влошуваат квалитетот на живеењето и може да го скусат животниот век“, вели за BBC водителот на ова истражување, Алберто Ферлин.
Анализата на фертелитетот им дава единствена можност на мажите да го проценат сопственото здравје и да спречат развој на некои болести, додава Ферлин.
Научниците од неговиот тим, исто така, истакнуваат дека нивното истражување не докажало дека малиот број сперматозоиди предизвикува метаболички проблеми, туку дека ти се поврзани.