
Со инцидент заврши денешниот мирен протест „Правда за Алмир“ откако бил каменуван автобус кај Судска палата каде се одвиваше и дел од протестот. Каменуван бил автобусот на ЈСП бр.50, а полицијата привела едно лице во врска со инцидентот.
Протестот пред Владата и Кривичниот суд се одржа откако кумановското обвинителство го преквалификува делото за смртта на четиригодишниот Алмир Алиу од „убиство со умисла“ во „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“.
– Бидејќи заврши судскиот процес и ништо не може да ја врати квалификацијата, единствениот начин за вакво нешто никогаш да не се повтори и да се врати случајот на почеток, е да се најде вината во работењето на јавната обвинителка Сузана Кусигерска, судијката Маја Денковска и јавниот обвинител Љубомир Јовески, како и вештаците кои ги прекршиле законите -посочи Висар Вишка, еден од организаторите на протестот.
Тој нагласи дека кога еден судија или обвинител ќе биде казнет и ќе сноси одговорност за неговото работење, во иднина нема да се повтори случајот на Алмир, потенцирајќи дека без одговорност нема правда.
– Овде не сум само за Алмир, тука сум за сите загрозени деца од тој криминалец, кој сега е на слобода. Мојот Алмир повеќе нема да се врати, но сепак вашите деца треба да живеат во слобода- истакна мајката на малиот Алмир пред присутните на протестот.
Учесниците на протестот носеа транспаренти „Нема правда, нема мир“, и „Каде ви е совеста македонско обвинителство“, како и детски играчки и детска облека, кои при крајот на протестот ги закачија на оградата на Владата. Меѓу транспарентите имаше и таков со фотографија на јавниот обвинител Љубомир Јовески, кој на челото е обележан со црвена точка, симбол на ласерски нишан.
На крајот на протестот на оградата на Владата беше закачено албанското знаме, со што протестот за правда доби етнички карактер.