Челниците на земјите членки на Европската унија се согласиле со ставот на британската влада дека зад нападот со нервен агенс во јужна Англија најверојатно стои Русија, изјави во четвртокот ноќта претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.
„Европскиот совет се согласува со британската влада дека Русија многу веројатно е договорна за нападот во Солсбери и дека нема поинакво веродостојно објаснување“, напиша на Twitter, Полјакот Доналд Туск.
Британската премиерка Тереза Меј ги известила своите колеги во Европскиот совет во текот на работната вечера за нападот со нервен отров врз поранешниот двоен руско-британски шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка во јужна Англија.
Меѓутоа, и овојпат изостануваат мотивите на Москва за ликвидација на пензионираниот шпион кој во 2010 година беше помилуван од рускиот претседател за да биде заменет со уште двајца осудени за шпионажа за десет руски државјани обвинети во САД, исто така, за дела поврзани со шпионски активности.
Пред работната вечера на шефовите на држави и влади на 28-те земји членки, засебен состанок имаа британската премиерка Тереза Меј, германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Франсоа Макрон. Во соопштението коешто по средбата го објави британската влада, исто така, се наведува дека „не постои друго објаснување освен дека за нападот е одговорна Русија“.