Руска амбасада: Ќе има последици од протерувањето на руски дипломат

Македонската страна ќе ги носи последиците од протерувањето на рускиот дипломат, објави вечерва руската амбасада во Македонија на Твитер, по одлуката на македонското Министерство за надворешни работи да протера еден руски дипломат поради случајот Скрипал.

„Владата на Р.Македонија донесе одлука да протера руски дипломат. Целосна одговорност за последиците од оваа провокација и исклучително непријателски чин без преседан во руско-македонските односи ќе ја носи македонската страна“,  објави руската амбасада на Твитер.

Одлуката на македонското МНР, како што претходно беше соопштено, е донесна по „консултации со сојузници и партнери од ЕУ и НАТО“.

Голем број членки на ЕУ денеска одлучија да протераат одреден број руски дипломати поради наводната вмешаност на руските власти во нападот со нервен отров во Велика Британија, но, меѓу нив, како што соопштуваат словенечките медиуми не се: Словенија, Словачка и Австрија, Грција и Португалија.