
Република Македонија, како земја кандидат за членство во Европската унија, ја следи политиката на ЕУ, и нивните одлуки донесени по пат на консензус и на ниво на Унијата, се наведува во реакцијата на претседателот Ѓорге Иванов.
„Со оглед на тоа дека одлуките за протерување на руски дипломати не претставуваат израз на усогласени ставови на сите земји-членки на ЕУ, туку се работи за индивидуални одлуки на поедини земји-членки, Претседателот на Република Македонија смета дека одлуката на македонското МНР е избрзана“, се истакнува во реакцијата на шефот на државата.
Претседателот на Република Македонија повикува на воздржаност од избрзани чекори во надворешната политика, за да се спречи можното нанесување на штета во остварувањето на стратешките цели на Република Македонија.
Иванов, согласно позитивната законска регулатива, очекува да биде официјално информиран за посочените факти во јавноста, поврзани со овој случај.