„Тетова Сот“: Во Македонија има вооружени Албанци подготвени да ја создадат Голема Албанија

Поранешниот грчки министер за финансии, Јанис Варуфакис, за време на презентацијата на партиската програма на неговата нова партија во Грција, „Meра 25“, неодвоив дел на новата европска политичка сила „Демократско Движење во Европа 2025“, меѓу другото изјави дека прашањето за името на ПЈРМ, според него е поврзано со ризикот за „Голема Албанија“, објави Тетова сот.

Важно е да сфатиме дека, најголемата опасност од соседната земја не се демонстрациите за Александар Велики, туку составот на оваа држава, рече тој.

Објаснувајќи ја својата позиција, тој изјави дека во Тетово има вооружени Албанци кои се подготвени да го поделат северниот сосед на Грција по логиката на „Голема Албанија”, и истакна дека ова би било закана за грчките национални интереси.

„Она што ги држи здружени граѓаните на ПЈРМ е митот дека тие се Македонци”, додаде Варуфакис во својот говор, истакнувајќи дека „во интерес на Грција е да нема друга држава која ќе биде нестабилна во своите граници“

Варуфакис, 56-годишниот поранешен министер за финансии во првата влада на премиерот Ципрас, поднесе оставка по шест месеци, а сега ќе се кандидира против владејачката партија „Сириза” на идните парламентарни избори во Грција, со неговата нова партија „Мера 25″.

Главната цел на новата партија на грчкиот контроверзен политичар, која е составен дел на европската политичка сила „Движењето Демократија во Европа 2015″ што го основал тој, е да се изврши притисок за реструктуирање на колосалниот долг на Грција. Варуфакис е третиот член од владата „Ципрас” што создава нова политичка партија против него.