Повторно уапсени петмина обвинети за Крвавиот четврток

Поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков заедно со уште четворица обвинети за насилствата во Собранието на Македонија на 27 април минатата година, ноќеска повторно се приведени и пренесени во Истражниот затвор Скопје, по налог на Кривичниот суд. Петмината во понеделникот со одлука на Врховен суд беа ослободени од притвор и им беше одреден куќен притвор. Но Основното јавно обвинителство вчера на прес конференција по информацијата дека е поднесен обвинителен акт, најави дека побарало притвор за дел од обвинетите.

Освен за Чаков, се работи за Горан Ѓошевски, од обезбедувањето на поранешниот спикер Трајко Вељановски, Душко Лазаров и Оливер Поповски од МВР и Мунир Пепиќ од Агенцијата за разузнавање синоќа повторно се приведени.

Обвинителството поднесе обвинение против 30 лица за настаните кои се случија во Собранието на 27 април кога беше извршен упад во Собранието и беа нападнати пратенции, новинари и собраниски службеници. Од вкупно 35 осомничени обвинението е поднесено против 30 лица, за четири лица е прекината постапката бидејќи не се достапни за органите на прогонот. За пратеничката Жаклина Пешевска постапката е запрена бидејќи обвинителството не нашло докази дека сторило кривично дело.

За терористичко загрозување на Уставниот поредок и безбедноста се обвинети 28 лица, а двајца од обвинетите, припадници на МВР, се обвинети за помагање во извршување на ова дело. Тие одзеле два хард дискови за да ги прикријат трагите од насилниот упад во Собранието. Истрагата утврдила дека во организирањето на настаните од 27 април во Собранието биле вклучени одреден број засега непознати лица за кои истражните дејства продолжуваат во ОЈО.