Дел од петмината притворени обвинети за насилството во Собрание ќе штрајкуваат со глад, дознава „Нетпрес“. Митко Чавков, кој има проблеми со срцето, одбивал да ја прима дури и лекарската терапија.
Тие се револтирани од одлуката на Кривичниот суд да го уважи барањето на ОЈО да се вратат во притвор, иако завчера со одлука на Врховниот суд беа ослободени и пуштени во куќен притвор.
За сега нема официјална потврда за штрајкот. Претходно адвокатот Ѕвонко Давидовиќ, еден од бранителите на обвинетите, рече дека Основниот суд се прави попаметен од Врховниот кога е во прашање повторениот притвор за дел од учесниците во насилниот упад во Собранието.
– Обвинителството е привилигирано во постапката бидејќи додека бранителите спијат, судот преку ноќ, во црни темници заседава и носи нови решенија и не остава можност за одбрана на обвинетите. Синоќешната акција покажува конфузија и хаос, не се знае чија одлука треба да се почитува. Евидентно е непочитување на одлуката од Врховниот суд, која е сменета за еден ден. Тука имаме и селективна примена на законот. Обвинителството побарало притвор за сите лица на кои мерката притвор им е заменета за куќен притвор, а од Судот одобрено е во повторен притвор да заминат само припадниците на МВР- рече Давидовиќ.
Според адвокатот, судот си игра со човечките судбини постапуваќи со двојни аршини, бидејќи правниците учат дека треба да се почитува одлуката на Врховен суд, кој ја проценил состојбата и утврдил дека треба куќен притвор, а трипати понизок суд донесува спротивна одлука.
-Обвинителството е една од странките. Имате ситуација во која судот постапува по барање на Обвинителството, а бранителите спијат. Тука немаме правен механизам. Што ако сакавме да дадеме гаранција или, пак, некој човек е смртно болен? Немате еднакви права. ОЈО e привилигирано во конкретниот случај, но и во сите постапки- коментира Давидовиќ велејќи дека и Стразбур упатил критика за прекршувањето на човековите права и слободи.
Адвокатот Ѕвонко Давидовиќ смета дека ништо не е сменето во судството и истото сè уште не е на висина на задачата, а тоа се гледало со повторувањето на истата приказна, како во случајот „Фаланга“, но и многу други предмети.