МВР не знае дали се украдени личните документи на бугарските туристи кои дошле на карневалот во Струмица, па Основното јавно обвинителство ќе истражува дали некој од полицајците ги украл, а за што веќе пишуваше „Нетпрес“. Дотогаш за повеќе полициски службеници ќе биде поведена дисциплинска постапка.
Две недели откако редакцијата на „Нетпрес“ побара информации од МВР во врска со случајот, денеска од министерството одговорија дека внатрешната истрага е завршена.
– По известување од страна на Регионален центар за гранични работи „Исток“ дека на ден 17.02.2018 година при влез на автобус со бугарски туристи на ГП„Ново Село“ на осум граѓани им недостасувале личните карти со кои оствариле влез во Република Македонија се преземени мерки. Секторот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални станарди по извршени проверки констатирал пропусти во постапувањето на полициските службеници. Согласно член 225 од Колективниот договор ма МВР дадени се задолжителни мерки, непосредниот раководител да изготви предлог за поведување постапка за утврдување на дисциплинска одговорност против сите полициски службеници вклучени во настанот. Согласно членот 282 од ЗКП за настанот со прилог на целокупниот службен материјал со известување запознаен е надлежен јавен обвинител заради преземање на мерки од негова надлежност- рекоа од МВР.
Според членот 282 од Законот за кривична постапка јасно е дека постојат основи на сомневање дека е сторено кривично дело за кое се гони по службен должност, па истрагата ќе треба да покаже, дали, кој и зошто ги украл документите.
Како што пишуваше „Нетпрес“, Бугарите со автобус на туристичка агенција од бугарија влегле во земјава, но откако ги покажале личните карти на полицаецот за проверка, тој не им ги вратил на сите патници. Водичот на групата протестирал, па командирот на ГП„Ново Село“ дозволил, иако спротивно на правилата, откако во компјутерскиот систем не биле заведени декаа влегле, да го продолжат патот. Командирот се надевал дека изгубените лични исправи че бидат пронајдени во меѓувреме, но тос не се случило кога Бугарите се вратиле. Бидејќи личните карти пак ги немало, командирот им дозволил без документи да излезат од земјава, што е спротивно на прописите.
Случајот излегол во јавноста, откако патниците ја тужеле агенцијата, од каде побарале бугарската полиција да се вклучи во истрагата. Бугарите утврдиле дека во нивниот компјутерски систем е внесено дека патниците со личните карти ја напуштиле Бугарија, по што е побаран официјален став од македонската полиција.
Голема е веројатноста исправие да биле украдени бидејќи бугарските лични документи се на цена и се продаваат и по цена од 1.000 евра на криминалните групи.